1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се повторат ли “старите стари добри времиња” на Минхен 1860?

28 август 2007

Минхен е во моментов фудбалски центар на Германија - Баерн води во Бундеслигата, Минхен1860 во Втората лига. Според резултатите се чини дека второлигашот е на пат да се врати на некогашните позиции во германскиот фудбал

https://p.dw.com/p/BYjn
Клупското лого на Минхен 1860 - оттука и прекарот „лавови“

Петар Раденковиќ, “кралот Ради”, како што си се опејува самиот во еден музички хит од 60-тите години на минатиот век, е легендарен голман на “лавовите” од тоа време. Ради стана познат не само поради гласовните квалитети, туку пред се’ со тогаш револуционерниот начин на кој го чуваше голот: “Мојата игра како голман тогаш беше новост, оти јас го контролирав не само 16-тикот, туку и теренот надвор од него, така што не ни беше потребна масивна одбрана. Практично во одбраната игравме само со голман и тројца играчи, а сите други беа во средниот ред и напаѓачи”.

Таквиот начин на игра не само што беше атрактивен, туку и посебно успешен во тоа време. 60-тите беа златни години во историјата на “лавовите”, како што го нарекуват Минхен 1860 поради симболот во клупскиот грб. “Кога сега фрлам поглед наназад, ние од формирањето на Бундеслигата во 1963-та до 67-ма бевме апсолутно најуспешна екипа во неа. Го освоивме првенството, бевме вицешампиони, победници на купот, и финалисти на Купот на победниците на куповите, каде во Англија загубивме од тамошниот тим Вестхем Јунајтед” – се сеќава Ради, кој во Минхен дојде од тогашна Југославија.

Харст и Мур беа актери во акцијата по слободниот удар со која Англичаните со вториот гол ја обезбедија победата од 2 спрема 0. Тие и беа фаворити во дуелот игран на стариот Вембли-стадион. Минхен 1860 никогаш веќе не дојде толку близу до меѓународна титула.

Напротив, по успешните 60-ти, 70-тите беа години на пад на “лавовите” во секој поглед. Во 1970-та Минхен 1860 испадна од Бундеслигата. Се врати дури по 7 години. Потоа уследија последовни испаѓања и повторни искачувања во највисокото друшто, се’ до одземањето на лиценцата во 1982-ра и принудното враќање во Трета лига. Тогаш клубот го напушти голгетерот Руди Фелер и се пресели во Вердер Бремен, каде направи светска кариера.

Новиот подем на “лавовите” дојде на почетокот на 90-тите години, кога на чело на клубот беше милионерот – гастроном Карл-Хајнц Вилдмозер. “Не бев навивач на клубот, едноставно ме наговорија да им помогнам, оти со години беа во Трета лига, но со налепници ’повторно ќе се вратиме‘. Си помислив – сега помогни им” – искрено кажува Вилдмозер.

Тој помогна со пари, со моќ и со осет за вистински персонални решенија. Го донесе Вернер Лорант за тренер, кој остана на кормилото 9 години. Секоја сезона клубот се качуваше во повисок ранг и по директен пат од баварската стигна до Бундеслигата, по цели 13 години. Подемот траеше до 2000-та година – Минхен 1860 се избори за учество во Купот на УЕФА, дури и за квалификации за Лигата на шампионите со 4-тото место во Бундеслигата, во него играа фудбалери како Томас Хеслер и Мартин Макс. “Тоа беше напорна и интензивна работа и за мене тука немаше ништо за славење, оти во најкратко време ми стана јасно дека секој успех раѓа апетити кај актерите, па точно знаев: постигнувањето на секоја цел чини пари” – вели Вилдмозер.

А пари немаше во изобилство. Во Минхен во меѓувреме смртниот спортски непријател Баерн беше прва адреса за спонзорите, медиумите, гледачите. Но, за да можат да преживеат, “лавовите” се здружија со Баерн во изградбата на заеднички стадион. Тоа беше кобно: во март пред три години Вилдмозер и неговиот син беа притворени под сомнение за примање мито од 2,8 милиона во врска со изградбата на стадионот. По неколку денови претседателот поднесе оставка, синот отиде в затвор растоварувајќи го татко си. Клубот западна во очајна економска состојба, истата година испадна од Бундеслигата. Не преостана ништо друго, освен сеќавања на “златното минато”.

Тобијас Елмаер