1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе почекаме, па ќе видиме...

21 јуни 2010

Западот ја поздрави најавата на Израел за попуштање на блокадата во појасот Газа. Палестинците на ваквите најави реагираат со скепса.

https://p.dw.com/p/NyMc
Израел најави попуштање на блокадата за ГазаФотографија: dpa

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху даде образложение за одлуката на неговата влада да ја олабави повеќегодишната блокада на појасот Газа, со зборовите: „Политиката на нашата влада за Газа е јасна. Израел вложува напори во крајбрежниот појас да не стигнува оружје, како ни средства што ќе бидат користени за терористичките и ракетни напади на Хамас против Израел и неговото население. Сите други стоки смеат да се транспортираат во Газа.“

Новите мерки се „безбедносна блокада“

Israel Palästinenser Gaza Ministerpräsident Benjamin Netanyahu
Израелскиот премиер, Бенјамин НетанјахуФотографија: AP

Израелските медиуми известија дека Нетанјаху во разговор со најблиските соработници појаснил дека новите мерки претставуваат „безбедносна блокада“. Овие мерки сега ќе се заострат. Повеќе не станува збор за „цивилна блокада“ во појасот Газа. Сега на Хамас ќе му биде одземена можноста да го обвинува Израел дека му штети на палестинското цивилно население.

Пратеникот на Меѓународниот квартет за Блискиот Исток, поранешниот британски премиер Тони Блер, во присуство на Нетанјаху кажа што мисли за ваквата одлука: „Ваквата нова политика и‘ дозволува на израелската влада и на премиерот да се придржуваат до нивната апсолутна решеност, да ја заштитат безбедноста на Израел, додека животот на луѓето во Газа значително ќе се подобри.“

Маневар за да се избегне меѓународниот притисок

Исмаил Радван, портпаролот на Хамас во појасот Газа, критикуваше дека попуштањето на бокадата во Газа е само маневар на израелската влада за да го избегне меѓународниот притисок, кој е насочен против земјата уште од насилната операција против хуманитарниот конвој „Фри Газа“ пред три недели: „Тоа е обид да ја избегнат меѓународната одлука за целосно прекинување на блокадата на Газа. Ова е обид да се заштитат од притисоците и гневот во меѓународната јавност, како во исламскиот и арапскиот свет, така и на слободните луѓе во светот, кои бараат прекин на блокадата на Газа.“

Israel Gaza Rachel Corrie No Flash
Израел не ја прекина целосно блокадатаФотографија: picture-alliance/dpa

Според Радван, во Газа недостасуваат електрични апарати, медицински апарати, како и градежни материјали и челик. Секоја промена со која и понатаму се забранува увоз на овие стоки е само козметичка, нагласи портпаролот на Хамас.

Жителите на Газа се скептични

Исто така и минувачите на улиците во градот Газа, по вкупно четири години израелска блокада во Газа, се многу скептични: „Никогаш нема да бидеме среќни, се‘ додека немаме држава. Сигурен сум дека блокадата повторно ќе се воведе. Прекинувањето на блокадата е само политичка игра. Ја укинуваат блокадата затоа што им наредила Америка.“

Жителите на Газа сакаат ветеното навистина да се спроведе: „Треба прво да го видиме тоа во стварноста. Треба да го направат она што го велат и да ги отворат сите премини. Израел изјави дека сака да ја укине блокадата во појасот Газа и да ја олабави. Сакаме ова да стане реалност, а не само да слушаме изјави.“

Израелскиот весник „Едиот Ахронот“ известува дека со новата одредба и понатаму ќе биде забранет увозот на илјадници добра, меѓу кои производи од алуминиум, ѓубрива и бројни производи од метал.

Автор: Клеменс Ференкоте / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска