1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе плаќа ли светот наскоро во кинески јуани?

13 јануари 2012

Кина и Јапонија планираат во иднина билатералната трговија да ја вршат директно во јуани. Таа во 2010-та изнесуваше 260 милијарди евра. Може ли кинескиот јуан некогаш покрај доларот да стане светска референтна валута?

https://p.dw.com/p/13j45
Банкнота од 20 јуаниФотографија: AP

На крајот се’ би можело да се одвива многу бргу, напиша економистот Бери Ајхенгрин од американскиот универзитет Беркли уште пред две години. На американскиот долар на почетокот на 20-от век не му беа потребни ни десет години за од непозната валута да се претвори во глобално платежно сретство. Слично нешто, гласеше пророштвото на Ајхенгрин, сега би можело да се случува со кинескиот јуан. „Дури и ако Шангај можеби во 2020-та година нема да стане главен финансиски пазар, јуанот ќе стане едно од главните платежни сретства и во тоа нема никакво сомнеца“ , смета професорот Ајхенгрин. Неговите предвидувања по се’ изгледа полека се остваруваат. Кина и Јапонија постигнаа договор во прилог на тезата за јакнење на влијанието на кинеската валута.

„Значаен политички чекор“

Пекинг и Токио уште на 26 декември минатата година се договорија за тоа своите деловни зделки во иднина да ги пресметуваат во јуани. Таа вест добива во тежина ако се земе предвид дека втората и третата по големина економска сила во светот само во 2010 година меѓусебно разменија производи и услуги во вредност од 260 милијарди евра. Освен тоа на јапонските инвеститори им е отворен патот кон кинеските хартии од вредност. „Тоа е многу значаен политички чекор“, вели Хосук Ли Макијама од Европскиот центар за меѓународна политика со седиште во Брисел. Со тоа, продолжува Макијама, е олеснето тргувањето бидејќи досефа јапонските вложувачи пред трансакциите прво требаа да пресметуваат во долари а потоа во јуани.

China Währung 100 Yuan Banknoten in Schanghai
Банкноти од сто јуаниФотографија: AP

Кина веќе определено време презема чекори со цел својата валута која освен јуан се нарекува и ренмимби (народна валута) да ја етаблира на меѓународните финансиски пазари. Така од 2010- та година на берзата во Хонг Конг се издаваат акции во јуани. Некои национални банки , како на пример од Бразил и Нигерија еден дел од девизните резерви веќе ги држат во јуани. „Интернационализацијата на јуанот е процес кој е во тек и случајот со Јапонија го илустрира тоа најдобро“, вели една брокерка од берзата во Хог Конг.

Блиску до целосна конвертибилност

Во иднина и берзите во Лондон и во Сингапур би можеле да тргуваат со акции чија цена е изразена во јуани. Некои економисти веруваат во негова целосна конвертибилност во догледно време. Но властите во Пекинг се’ уште избегнуваат да го пуштат јуанот во „целосна слобода“. Кинеските власти сакаат да го спречат влегувањето на шпекулативниот капитал на кинескиот пазар. Поради тоа курсот на јуанот се’ уште не го диктира светскиот пазар тику Кинеската Централна Банка. Со тоа е отежнат протокот на капитал меѓу Кина и странство бидејќи секоја трансакција меѓу јуанот и доларот треба да ја одобри Кинеската централна банка.

Währungskrieg Dollar Yuan
Претстои ли валутна војна меѓу доларот и јенот?Фотографија: Dominik Joswig

„Два бебешки чекори“

„Интернационализацијата на јуанот би значела кинеските пазари целосно да се отворат за странските инвеститори. Државата би морала да се повлече од процесот на донесување одлуки во банките а државните компании и локалните власти би морале да ги почитуваат меѓународните правила. Истотака државата би морала да се откаже од вештачкото оддржување на нискиот курс на јуанот. Се’ тоа би значело темелни промени на кинескиот модел на развој“, професорот Ајхенгрин ги наведува можните причини за забавување на процесот на осамостојување на јуанот.

Така што до моментот кога штедачите ширум светот доларите ќе ги извадат од своите душеци и ќе ги заменат за пари со ликот на Мао Це Тунг би можело да пројде уште некое време. Но првите чекори се веќе направени. „Договорот со Јапонија претставува два мали чекори на патот долг стотици километри“, заклучува економистото Макијама.

Автор: Матиас Белингер/ Симе Недевски

Редактор: Борис Георгиевски