1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија, Германија и политиката за „Една Европа“

26 септември 2017

„Новата германска Влада нема да ја менува политиката кон Република Македонија и натаму ќе биде нејзин подржувач на стопански и политички план“, смета поранешниот македонски амбасадор во Германија, Ѓорѓи Филипов.

https://p.dw.com/p/2khEi
Deutschland Mazedonische Vizeministerpräsident Bujar Osmani in Berlin
Фотографија: PR-Abteilung der mazedonischen Regierung

Експертската јавност во Македонија со внимание ги анализира изборните резултати во Германија. Дали изборните пораки во земјата која се смета за движечка сила, односно „моторот на ЕУ“, ќе се претворат во „линија на помал отпор“ кон гласачките изрази на ксенофобија, или тоа ќе ја обврзе новата власт на уште поактивно градење отворено, толерантно и инклузивно општество? Во крајна линија, како сето тоа ќе се рефлектира во нестабилниот Западен Балкан и во Македонија, која влегува во изборен циклус со десница која дел од кампањата ја гради врз стравот од наплив на мигранти? Тоа беше и една од темите врз која новата партија Алтернатива за Германија (АфД) освои 12,6 % од гласовите и за првпат влегува во парламентот. Поранешниот македонски амбасадор во Германија, Ѓорѓи Филипов, анализира на што се должат овие проценти.  

„Најмногу од нив ги дадоа гласачите во источните германски држави, држави во кои е најголема стапката на невработеност, како и стапката на внатрешна и надворешна миграција од СРГ, и држави во кои демократскиот начин на изразување е релативно млад, зашто датира од пред 27 додини, од моментот кога се спија претходните две Германии, Источната и Западната. Имајќи предвид дека главната поента врз која оваа партија ја водеше кампањата - е стравот од бегалците и азилантите 'кои ќе им ги земат работните места на автохтоните Германци, ќе ја променат религиската и националната слика на општеството, ќе го зголемат криминалот или ќе живеат врз грбот на остантите жители'. На ваквата 'поента на стравот' АфД ја додаваше и наводната противуставна одлука на Германија за воведување на еврото како заедничка валута и со тоа прифаќање на дел од долговите што ги прават 'други земји', членки на еврозоната“, потсетува Филипов.

Deutschland Bundestagswahl Merkel PK
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

И губитник, и победник!

Без оглед што АфД ќе биде опозиција во следната влада на СРГ, амбасадорот смета дека „најголем губитник, но и победник на изборите“ (33%, -8,5%) е германската коалиција ЦДУ/ЦСУ, на канцеларката Ангела Меркел и Хорст Зехофер.

„Тие ја платија цената на германската политика на правилното однесување кон бегалците од кризните подрачја на Сирија, (Либија и Авганистан) и го зачуваа угледот на Германија, но и на Европа, како демократски општества, кои имаат разбирање за луѓе кои мораат да ги напуштат родните огништа, во потрага по опстанок. Меркел често истакнуваше дека е 'горда што толку многу луѓе од светот ја сметаат Германија за сигурно место за засолнување од ветриштата на војните што беснеат во земјите од кадешто бегаат'. Се разбира, таа тоа го кажуваше визави историскиот товар на нацизмот, што го носи нејзината земја и народ. Партијата на социјалдемократите (СПД) е еден од вистинските губитници (20,5%, -5,2%) плаќајќи го цехот на следење на политиката на Меркел за бегалците, но и цехот на постојаната лидерска криза во таа партија, која после Гертхард Шредер скита во потрага по вистински лидер“, оценува амбасадорот, со заклучок дека „на Германија и се случија избори кои ја отсликаа состојбата на теренот, но од кои ќе има придобивки, зашто ќе и служат како коректив на насоката во која се движеше“.

Нема да се менува политиката кон Македонија

Но, прашањето што ја интригира германската и европската јавност - е што може да се очекува од новата германска  влада, која најверојатно ќе ја сочинува т.н. Jамајка коалиција (ЦДУ/ЦСУ, ФДП и Зелените)? Според Филипов, таквата влада ќе настојува да ги врати изгубените гласови кои отишле во АфД, што значи дека ќе мора да преземе повеќе мерки.

Deutschland Bundestagswahl
Фотографија: Reuters/F. Bensch

„Ќе мора да воведе малку порестриктивна политика во однос на бегалци (азиланти) и воопшто кон приемот на доселеници во Германија (веројатно нешто слично како Канада или Австралија); Да ги дорегулира односите во еврозоната (да ја заостри дисциплината во буџетските и фискалните политики на земјите членки); Да ја искристализира политиката околу членството во НАТО; Да воведе мерки за зајакнување на стопанството и подобрување на стапката на вработеност во источните држави; Да ја зајакне самостojноста на меѓународната позиција на Германија“, оценува Филипов.

Притоа е уверен дека новата влада нема да ја менува политиката на „Една Европа“ и зачленување на сите земји од Западен Балкан во ЕУ, што значи дека „Берлинскиот процес“ и помошта на Германија ќе продолжат со делување, дури и позасилено.

„Новата Влада нема да ја менува политиката кон Република Македонија и натаму ќе биде нејзин подржувач на стопански и политички план. Единствено не е јасно кој од лидерите на двете коалициски партии Чем Ездемир (Зелени) или Кристијан Линднер (ФДП) ќе ја заземе позицијата на министер за надворешни работи на Германија. Засега, Линднер (наводно) изјавувал дека повеќе е заинтересиран за Министерството за финансии, отколку за МНР“, посочува амбасадорот Филипов.

Дефокусирање од Балканот?

Трендот со внимание се следи и меѓу македонските стопанственици. Но изборните резултати во земјата која е посакуван економски и трговски партнер на Македонија, создаваат впечаток дека „нештата ќе се менуваат, иако не драматично“.

„Доаѓа крајот на исклучително конзервативната економска политика на Германија потпрена на европските отворени граници и користење на вкупните европски ресурси“, смета Горан Рафајловски од Стопанската комора на РМ.

Bundeskanzleramt , Spree, Berlin, Germany
Фотографија: picture-alliance/Global Travel

„Ова ќе даде можност за ново предоговарање за правецот на европската економија и досега исклучително заштитениот германски крупен капитал ќе се најде на отворен пазар и тоа ќе биде сериозен предизвик за него и за компаниите кои го носат истиот. Од друга страна, Македонија нема да биде засегната многу од новите движења, освен во сегментот дека ќе замине во заборав проектот за поврзување (енергетско, инфраструктурно-н.з) на балканските земји пред влезот во ЕУ. Сметам дека Франција во овој момент ќе ја преземе лидерската позиција за интеграцијата на Балканот, а со тоа многу поедноставен и позабрзан пристап на Балканот во ЕУ“, вели Рафајловски.

Други стопанственици стравуваат дека можното позасилено економско свртување на Германија „кон внатре“, би можело да го олабави фокусот кон иницијативите за земјите од балканскиот регион. Сепак, се надеваат дека процесите започнати во име на интеграцијата и демократизацијата нема да останат во сенка на „домашната презафатеност“ на Германија.