1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јацењук не смее да биде жртвен пион

Бернд Јохан/ превод:сн11 април 2016

Оставката на украинскиот премиер Арсени Јацењук е задоцнета. Патот за нова влада е слободен. Но само со тоа нема да биде повторно воспоставена довербата во украинската политика, смета Бернд Јохан.

https://p.dw.com/p/1IT01
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Dolzhenko

Долго Арсени Јацењук ја имаше цврсто зграпчено својата фунција. Сега украинскиот премиер конечно ја донесе долго задоцнетата одлука и поднесе оставка. Со тоа, тој ја поштеди својата земја од продолжување на владината криза која веќе два месеца внесува неспокојство во политички Киев и ги блокира неопходните рефморми. Јацењук додуша во февруари го преброди гласањето за доверба во парламентот, но владината коалиција се растури, управувањето со Украина стана невозможно.

Преку својата оставка Јацењук ја поштедува Украина од нови избори, за кои веќе се шпекулираше. Тие само ќе ја продолжат политичката непресметливост. Наместо тоа, на земјата сега не само што брзо ѝ е потребна нова влада, туку и нова владина коалиција, која јасно ќе се заложи за продолжување на реформите. Во изминатите недели ривалските партии во Киев прокоцкаа многу од довербата, како во сопствената земја, така и во странство. Крајно време е да ѝ се стави крај на оваа молскавична надолна спирала.

Рововските битки мора да запрат

Оставката на Јацењук го отвора патот за нова влада. Но политичките табори се поделени како никогаш досега. Затоа нова и пред сѐ делотворна влада може да се состави само ако политичарите сега ги запрат своите рововски борби. Само така Украина ќе има сила да продолжи со реформскиот процес, кој досегашната влада, и покрај бројните пропусти, сепак успеа да го започне.

Јацењук имено може да се пофали со некои впечатливи успеси, како што е новата сообраќајна полиција. И во банкарскиот, енергетскиот и финансискиот секотор започнати се реформи. Но резултатите од овие мерки сѐ уште се тешко мерливи. Тоа посебно важи за новите антикорупциски органи, чија работа штотуку започна.

Johann Bernd Kommentarbild App

Јацењук меѓутоа мора да ја преземе одговорноста и за тоа дека бројни реформи досега воопшто не се придвижија напред. И натаму, имено, недостасуваат промени во клучните области како правосудството. И планираната приватизација на државните претпријатија е во застој. Пред сѐ меѓутоа во земјата недостасува транспарентност. Непровидни клики ги влечат конците од заднина. Олигарсите и натаму имаат големо политичко влијание.

Само жртвуван пион на претседателот?

Кон овие олигарси се вбројува и Петро Порошенко, кој и покрај неговата политичка функција и натаму се нема одделено од својот концерн, во кој се вбројува и една телевизиска станица. По објавувањето на „Панама документите“ Порошенко е под сомнение дека со неговата фирма за чококолада „Рошен“ правел сомнителни офшор зделки. Иако тоа не е докажано, скандалот сепак ја ослабе веродостојноста на претседателот, кој во изминатите недели повеќепати го повика Јацењук да поднесе оставка.

Сега, досегашниот претседател на парламентот Володимир Хроисман треба да биде избран за шеф на владата. Партијата на Порошенко го номинираше за премиерската функција. Хроисман е близок соработник на Порошенко. Затоа, со право во Украина сѐ погласни се сомневањата дека со една ваква промена на премиерската функција може да успее нов политички почеток. Јацењук би бил само жртвен пион доколку конечно не биде запрено и политичкото влијание на олигарсите во Украина.

На земјата не само што итно ѝ е потребна делотворна и јасно реформски ориентирана влада, туку и претседателот Порошенко сега мора да докаже, колку сериозно ја сфаќа борбата против корупцијата. Досега за тоа навистина направи премалку.