1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јасни параметри за враќање на визите

25 мај 2011

Српските власти најавија дека ќе преземат радикални чекори за запирање на лажниот азилантски бран, додека македонските власти оценија дека најавите за укинување на визите се само дел од предизборната кампања во земјата.

https://p.dw.com/p/11Nna
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Доколку во следните 6 месеци приливот на лажни азиланти од Македонија во земјите на ЕУ порасне за 50 проценти, на земјата ќе и’ биде укинат безвизниот режим. Србија веќе презема мерки за запирање на бранот азиланти, за разлика од властите во Скопје кои денеска оценија дека најавите за укинување на визите се само дел од предизборниот фолклор во земјата.

Европската унија повторно привремено ќе ги воведе визите за земјите од Западниот Балкан доколку во период од 6 месеци за 50 проценти порасне приливот на „лажни азиланти“ или илегални имигранти од тие земји во шенгенскиот простор, се наведува во предлогот кој во вторникот го усвои Европската комисија.

Belgien EU Innenkommissarin Cecilia Malmström will Flüchtlinge verteilen
Комесарката за внатрешна политика Сесилија МалстремФотографија: dapd

На граѓаните на некои од западнобалканските земји визите можат повторно да им бидат привремено воведени и доколку во следните 6 месеци во некоја земја за 50 проценти порасне бројот на отфрлени барања за враќање на нејзини државјани кои нелегално престојуваат во шенгенскиот простор на ЕУ, се наведува во документот на ЕК, чија содржина ја објавува белградската агенција Бета.

Српските власти веќе најавија дека ќе преземат радикални чекори за запирање на лажниот азилантски бран, додека македонските власти денеска на прес-конференција оценија дека најавите за укинување на визите се само дел од предизборната кампања.

Привременото враќање на визниот режим би било за период од 6 месеци, а во случај да не дојде до подобрување на состојбата, мерката би можела да се продолжи за дополнителни 9 месеци.

Новиот механизам ќе важи за сите

Овој механизам, кој во јуни треба да го усвои Советот на министри на ЕУ, освен за Западниот Балкан, ќе биде применуван и за сите други земји чии државјани можат без визи да патуваат во Европската унија.

Баратели на азил ѕиркаат низ стаклената врата на Бирото за странци во Брисел
Баратели на азил ѕиркаат низ стаклената врата на Бирото за странци во БриселФотографија: Picture-Alliance /dpa

Европската комесарка за внатрешни работи Сесилија Малстрем, претставувајќи го предлогот, вчера соопшти дека тој не е насочен кон ниту една земја и не значи воведување на визи по автоматизам. Таа го опиша како механизам кој треба да осигура непречено функционирање на безвизниот режим, кој ќе се активира само во краен случај.

„Овој механизам е за во иднина. Ќе постои за да осигура дека ако има проблеми од поголеми размери, привремено да се суспендира слободниот визен режим, откако сите други мерки ќе бидат испробани. Не е насочено кон ниту една одредена земја. Се надевам дека никогаш нема да биде употребено, но мислам дека е неопходно да се осигура интегритетот на системот и да ни овозможи да одиме напред кон понатамошни визни олеснувања и нивно укинување“, рече Малстрем на прес-конференција во Брисел.

Mazedonien Ausweis
Македонските власти тврдат дека визите нема да се укинуваат: министерката Гордана ЈанкулоскаФотографија: DW

Србија ќе казнува, Македонија тврди дека визите не се укинуваат

Властите во Србија, земја од која, заедно со Македонија, има најголем прилив на лажни азиланти во ЕУ, веќе најавија заострување на контролите на граничните премини, но и санкции за туристичките агенции кои организирано ги водат луѓето да бараат азил. Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ најави дека граѓаните на Србија кои заминуваат за земјите од Европската унија ќе бидат проверувани дали имаат доволно пари, повратен билет и осигурување. Како една од можните мерки, Дачиќ го спомена одземањето на пасош или забраната за излез од Србија за оние што ќе го злоупотребат правото на азил.

Наспроти документите од ЕУ, македонските министри за внатрешни работи и евроинтеграции, Гордана Јанкулоска и Васко Наумовски денеска на прес-конференција во Скопје тврдеа дека визите нема да се враќаат.

„Македонските граѓани и денес и утре и во иднина ќе патуваат во Европската унија без визи со своите биометриски пасоши. Владата со мерките што ги презема и ќе продолжи да ги презема нема да дозволи да биде загрозена оваа историска придобивка и сите оние кои ќе се обидат да го злоупотребат безвизниот режим ќе бидат казнети“, изјавија двајцата министри.

* * *

Во врска со овој прилог од македонското Mинистерство за внатрешни работи се јавија со реакција во која оценуваат дека истиот „испраќа погрешна слика и граѓаните се дезинформираат во однос на напорите кои ги преземаат властите во Скопје за намалување на лажните азиланти“. Понатаму, од МВР ги наведуваат мерките кои ги презеле во изминатиот период за спречување на азилантскиот бран. Дел од мерките се:

Во периодот од 29 април до 23 мај не им бил дозволен излез на 498 македонски државјани кои имале намера да заминат во западно-европски земји.

Во истиот период, МВР и другите надлежни институции во земјата изрекле повеќе парични казни за туристички агенции кои организирале патувања во странство, а една од нив била и затворена. Од МВР велат дека е во тек и медиумска кампања во рамките на која биле промовирани летоци на граничните премини.


Дојче Веле му благодари на македонското МВР за доставените информации.

Автор: Борис Георгиевски/бета/миа

Редактор: Горан Чутаноски