1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јапонија го отфрла пацифизмот?

24 октомври 2017

Членот 9 од јапонскиот устав забранува водење војна. Животната цел на премиерот Шинзо Абе е тоа да го измени. Во неделата убедливо победи на предвремени избори и го задржа двотретинското мнозинство.

https://p.dw.com/p/2mODL
Japan Shinzo Abe
Фотографија: picture alliance/AP Photo

После својата петта изборна победа во нешто помалку од пет години, Шинзо Абе е на најдобар пат да влезе во историските читанки како премиер со најмногу мандати во новата историја на Јапонија. Доколку во септември 2018 биде повторно избран за шеф на Либералдемократската партија (ЛДП), тој би можел да биде премиер и по завршувањето на Олимписките игри во Токиот во 2020 година. Рекордер сѐ уште е Сато Еисаку кој без прекин владееше осум години- од 1964 до 1972 година.
Така повторно стана актуелна ревизијата на јапонскиот Устав која Абе веќе ја прогласи за своја животна цел. Клучната промена која ја заговара е отфрлањето на уставниот пацифизам. „Долго се дискутираше кај нас дали е таа ревизија можна, но сега главното прашање не гласи: дали, туку- како?“, изјави за весникот Никеи професорот на Универзитетот во Кјото, Сатоши Мачидори.
Но, помалиот коалициски партнер на Абе, будистичката партија Комеи, е скептична кон идејата. Од друга страна, проектот го поддржуваат некои помали опозициски партии, така што можно е промените да бидат изгласани со двотретинско мнозинство.

Сепартиски консензус?

Donald Trump, Shinzo Abe
Блискоста со Трамп може да му помогне на АбеФотографија: picture-alliance/P.Semansky

Абе уште на денот на изборите рече дека ќе настојува да придобие „што повеќе луѓе“ за идејата. Тој го отфрла актуелниот Устав како дело на некогаш окупациската сила САД која и го наметна на Јапонија во 1946 година- и оттогаш не е менуван. Дебатата во Јапонија се води пред сѐ за членот 9 со кој се утврдува дека Јапонија нема да води војни- освен на територијата на својата земја, во случај да биде нападната. Додуша, оваа островска земја уште во 1954 година формираше ткн. Сили за самоодбрана. Абе би сакал егзистенцијата на таа армија да ја вгради во членот 9 од Уставот, за да ја прошири можноста за нејзино делување.
Тоа би било откажување од пацифизмот, што би можело да доведе до поларизација во јапонската јавност и да и даде нов живот на опозицијата, која во таков случај би можела и да се предомисли кога станува збор за гласањето за новиот Устав.
Но, годинава 63-годишниот Абе се соочи и со обвинувања за непотизам, и добро знае колку брзо може да се прокоцка политичкиот капитал. По изборите се воздржа од триумфални гестови. Својата убедлива победа ја должи на добрата состојба на стопанството во Јапонија, која е последица на растот на светската економија, како и фактот дека опозицијата и пред изборите беше поделена. „Тајната на неговиот успех е недостатокот на алтернатива“, вели политикологот Коичи Накано од токискиот универзитет „Софија“.

Nordkorea Kim Jong Un überwacht Raketentest
Севернокорејските ракети се голема опасност за ЈапонијаФотографија: Reuters/KCNA

Факторот Северна Кореја

Важен фактор во целата дебата е и Северна Кореја. Абе ги искористи севернокорејските ракетни тестови за да се презентира како заштитник на нацијата. Користеше специјален алармен систем кој во случај на испалување на ракета им испраќа сигнал на мобилните телефони на милиони Јапонци, а во многу градови организираше и вежби на цивилната заштита. Истовремено, застана на страната на претседателот на САД, Доналд Трамп и неговата тврда стратегија кон Пјонгјанг. Абе сака да продолжи со тврдиот надворешно-политички курс. Така со еден удар ќе убие две муви: напрегнатоста во односите со Северна Кореја може да ја користи како аргумент за уставни промени кои значат отфрлање на пацифизмот. Од друга страна, може да се покаже и како доверлив партнер на Доналд Трамп и како таков да настојува да ги поткопа амбициите на Кина да стане светска суперсила.