1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанева: правдата ќе победи!

Б. Георгиевски14 април 2016

Истрагата под кодно име „Транспортер“ покажува дека битолскиот градоначалник Талески трошел на превоз повеќе и од Токио. Штетата ќе мора да ја надокнади и покрај аболицијата. СЈО ја одбива аболицијата на Иванов.

https://p.dw.com/p/1IVJU
Фотографија: MIA

„Ние сме тука и работиме. Верувам дека правдата ќе победи“, изјави Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева отфрлајќи ја на тој начин индиректно амнестијата која претседателот Ѓорге Иванов ја најави пред два дена за сите политичари и нивни соработници во земјата.

„Без оглед на настаните од изминатите два дена, специјалните обвинители ќе продолжат со работа согласно законот за СЈО“, рече Јанева на прес-конференцијата на која беше презентирана и новата истрага под кодно име „Транспортер“.

Битола поскапа од Токио

Иако во досегашните случаи кои ги истражуваше СЈО во најголем дел беа инволвирани претставници на централната власт, на тоа не биле имуни ниту локалните власти, соопшти обвинителката Фатиме Фетаи која се обрати на македонски, албански и турски јазик.

„Сведоци сме на најскапиот превоз во светот кој го плаќал градоначалникот на градот на конзулите - Битола“, рече Фетаи опишувајќи го предметот кој се води против, сега веќе амнестираниот, градоначалник на Битола, Владимир Талески, против претседателот на комисијата за јавни набавки во општина Битола, во договор со директори на средни и основни училишта во Битола и со одговорни лица во повеќе претпријатија за превоз.

„Општина Битола преку градоначалникот Талески плаќала поскап превоз и од Токио со директни штетни последици за буџетот на градот и државата“, рече Фетаи. СЈО штетата ја проценува на околу 22 милиони денари, или 360 илјади евра.

„Милоста“ на Иванов не го ослободува Талески

Прекршени се серија закони, соопшти обвинителката.

„Два константни учесници во криминалните дејствија: градоначалникот и претседателот на комисијата за јавни набавки кој преку својата фирма го водел и книговодството на дел од превозниците“, вели Фетаи.

СЈО започнало постапка против 22 лица поради злоупотреба на службена положба. Меѓу нив не е и градоначалникот Талески бидејќи, како што рече Фетаи, добил помилување од претседателот на државата. Сепак, амнестијата од претседателот не опфаќа „милост и за надокнадување на штетата која ја предизвикал Талески“. Против Талески се води истрага и за други криминални активности за кои претседателот сѐ уште не го ослободил.

СЈО не прифаќа аболиција од Иванов

На претседателот не му се предадени никакви материјали, ниту тој такво нешто побарал, рече обвинителката Ленче Ристоска коментирајќи ја прогласената аболиција на претседателот Ѓорге Иванов. Во СЈО се уште анализираат од каде протекле доверливите информации до Иванов, а ќе се бара одговорност и од лицата кои ги објавиле тие информации. Се уште се анализира дали одлуките на Иванов имаат законска основа.

Јавните обвинители не ја прифаќаат аболицијата на Иванов и ги сметаат за кршење на нивните права.

„Со таквиот чин директно се влијае на нивната чест и углед“, рече Ристоска.

Јавна поддршка на СЈО му изразија и повеќе ЕУ амбасадори. На прес-конференција присуствуваа амбасадорите на Германија, Кристине Алтхаузер, на Велика Британија, Чарлс Гарет, како и амбасадорите на Италија, Чешка и други држави-членки на ЕУ.