1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јавната седница на Апелациониот суд за „Монструм“ одложена

СН/макфакс6 јули 2015

Апелациониот суд во Скопје, кој денеска требаше да ја прочита и да расправа за пресудата во случајот „Монструм“ го одложи денешното рочиште, поради неисполнети законски обврски.

https://p.dw.com/p/1FtLN
Фотографија: Petr Stojanovski

Апелациониот суд ја одложи јавната расправа по пресудите во случајот „Монструм“, затоа што двајца од шестте обвинети не беа приведени и донесени на рочиштето што требаше да се одржи во понеделник.

Расправата по пресудите за петкратното убиство кај Смилковското Езеро во 2012 година се одложи за 11-ти септември. Ако бидат задоволени сите услови, на следното рочиште ќе се расправа по жалбите на одбраната која бара укинување на првостепената пресуда, како и по жалбата на обвинителство за една ослободителна пресуда.

Од друга страна, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави „бомба“ со прислушувани разговори во кои, наводно, се откриваат нови факти поврзани со случајот.

Како што вели тој, овие разговори „фрлаат нова светлина на процесот против осуммината обвинети“. Од СДСМ најавија дека објавувањето на овие разговори ќе зависи од постигнувањето на политички договор меѓу четирите партии.

Доколку се постигне договор, доказите за „Монструм“, што наводно ги поседува најголемата опозициска партија, ќе бидат предадени на надлежните органи. На денешното рочиште требаше да биде разгледана и жалбата поднесена од јавниот обвинител кој бара осудителна пресуда за обвинетиот Сејди Рами кој, поради недостигот од докази, беше ослободен од вина.

По првостепената пресуда беа изречени шест казни доживотен затвор и една ослободителна пресуда, но незадоволство од текот на судењето и од висината на изречените затворски казни се прелеа на улиците, па роднини и пријатели на осудените со денови протестираа пред Основниот суд Скопје 1, а некои од демонстрантите, поради насилство, завршија в затвор.