1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што уште остана од европската идеја?

Кристоф Хаселбах/превод: Ж.А.10 февруари 2016

Претставници на основачите на ЕУ се сретнаа во Рим на советувања околу решенија за излез од кризата во ЕУ. Кристоф Хаселбах предупредува од премногу носталгичен патос и препорачува прагматизам.

https://p.dw.com/p/1HsUi
Фотографија: picture-alliance/dpa

Многумина убедени Европејци во овие недели ги мачи тага, разочарување и копнеж по исчезнатиот „европски дух“. Какви убави времиња беа тоа кога европската идеја не требаше да се оправдува како денес; кога речиси никој не се двоумеше околу натамошна интеграција; кога беше шик човек да се означи себе си како Европеец, а дури потоа како Германец, Французин или Италијанец.

Денес, во се‘ подлабоката криза на смислата на ЕУ, европејското воодушевување од периодот на нејзиното основање изгледа како сон од времето на безгрижното детство. Кога политичарите денес апелираат на идејата на ЕУ, тогаш најчесто тоа го прават со во заднина заканувачки тон. Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер повеќепати рече: „Оној кој се сомнева во Европа, треба да ги посети војничките гробишта.“ Германската канцеларка Ангела Меркел во моментот на кулминација на должничката криза изјави: „Ако пропадне еврото, ќе пропадне Европа.“ Поранешниот претседател на Европската комисија Жозе Мануел Барозо, исто така во врска со финансиската криза, рече: „Или ќе пливаме заеднички, или секој од нас одделно ќе потоне.“

Драматичните апели за пропаст веќе не помагаат

Но, ваквите драматични апели за можен целосен неуспех, за пропаст на Европа ако Европејците не го најдат повторно основачкиот мит, се дури и контрапродуктивни. Кај многумина граѓани тоа развива чувство дека се ставени под туторство. Тие имаат чувство дека апелот кон големите идеали е некој трик пресметан од нив да се изнуди некоја жртва, на која тие не се подготвени. Многумина Германци на пример се прашуваат дали беше злоупотребена нивната солидарност со Грција во должничката криза. Многумина Французи се жалат дека се стопирани во економската политика од страна на Брисел или Берлин виа Брисел. Многумина Чеси и Полјаци не можат да сфатат зошто треба да примат бегалци во име на Европа, кои тие инаку никогаш не би ги пуштиле во земјата.

Christoph Hasselbach
Кристоф ХазелбахФотографија: DW/M.Müller

Проблемот со европската идеја е што таа долго беше идеалистички величана. Токму во Германија порано беше речиси табу да се формулираат национални интереси. Сето мораше да има европски рамки, ако не, беше одбивано како националистичко. Затоа сега на Германците им е лесно да ги повикуваат другите Европејци на наводно европски цели, иако партнерите нив воопшто не ги делат, на пример целта за утврдување цврсти квоти за примање бегалци.

Притоа, придржувањето кон сопствените интереси е пред се‘ најнормалното на светот. За ЕУ со 28 членки денес разбирливо е неспоредливо потешко отколку за шесте држави-основачи во 50-те години, да се стават под ист покрив различните потреби и интереси. Но, и натаму постојат, можеби дури и уште посилно, заеднички интереси на сите Европејци. Тие можат да се објаснат дури и со фактот што Европа како релативно мал, богат, но континент кој старее, само заеднички може да се пробие во светот кој претрпува брзи промени.

Заедничка самодоверба

Европа релативно доцна, но не и предоцна, најде одговор на должничката криза, не поради апстрактната европска идеја, туку чисто од постоење самодоверба и желба. Така, и по многуте збрки и конфузии, ќе најде одговор и на бегалската криза.

Патосот од ерата на основањето на ЕУ сигурно бил вистински, но тој е надминат. Денес многу посоодветен и сигурно не полош темел се реализмот и здравиот заеднички интерес.