1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штедат ли Германците до умирање?

Ролф Венкел
15 август 2017

Анализите покажуваат: причината за германскиот трговски суфицит не се само добрите машини и автомобилите кои ги извезува, туку и германската штедливост.

https://p.dw.com/p/2iCJN
Dagobert Duck
Фотографија: picture-alliance/United Archives/IFTN

Ако се земе баш буквално, германските политичари и креаторите на економските политики со години прекршуваат еден закон од 1967-ма година, односно Законот за поттикнување на стабилноста и растот на економијата, или на кратко "„аконот за стабилност". Во него како државна цел се формулира тежнеењето кон економски баланс со стабилни цени, работа за сите, постојан и соодветен раст и урамнотеженост во трговската размена.

Надалеку познато е дека во делот на баланс во трговската размена се случува токму спротивното. Преголемиот суфицит сè повеќе е во критичкиот фокус на меѓународните институции како Меѓународниот монетарен фонд и Европската комисија, која од оваа причина уште од 2014-тоа ја мониторира Германија во рамки на т.н. Постапка заради дисбаланс. Тешката критика од американскиот претседател Доналд Трамп и малку поблагиот исказ на францускиот претседател Емануел Макрон неодамна повторно ја разгореа дискусијата. Со заканата за воведување високи царини за увоз на германски производи во САД, особено за германски автомобили, еден централен фактор за успехот на германската економија е акутно загрозен. Тоа беше доволна причина за економистите од државната банкарска групација КФВ „подетално да се занимаваат со причинителите на суфицитот и сериозно да побараат начин Германија да се тргне од фокусот", се вели во анализата што изминатиот вторник ја објави КФВ.

Нефер и штетно?

Суфицитот актуелно изнесува 261 милијарда евра - и во апсолутни цифри погледнато е пред Кина и најголем на светот. Во контекст на Брутодомашниот производ изнесува 8,3%. Со тоа суфицитот од 2011-тата во континуитет е над горната граница на Европската комисија, која изнесува 6% од БДП.

Deutschland Symbolbild Sparschwein mit Bundesadler
Фотографија: picture-alliance/dpa

И Доналд Трамп се запиша во листата познати критичари на германскиот суфицит опишувајќи го како „нефер и штетен" за неговата земја. Критиката на Трамп почива врз разбирањето дека земја со суфицит во трговската размена се богати на сметка на друга земја, односно дека размената треба да биде уедначена. Наспроти тоа препораките на ЕК и ММФ во основа го имаат ставот дека голем суфицит може да биде негативен и за самата земја што го постигнала - „битна разлика во дијагнозата со значајни импликации за соодветната терапија", велат економистите на КФВ.

Билансот во трговијата не е сè

За да може човек да ја сфати критиката треба да ги разграничи поимите оти трговската размена ги опфаќа импортите и експортите, кои се само дел од економската моќ што ги опфаќа и прекуграничните услуги, како на пример трошењето на германските туристи во странство, прекугранични финансиски текови на плати, добивки, удели, инвестиции, но и префрлањето пари од странски работници во нивната татковина или пак исплати во рамки на развојната помош.

Затоа не е многу јасно што го сочинува германскиот суфицит во економската моќ. Експертите се согласни дека не се работи само за тоа дека германските производи се омилени во странство. Тие редовно ја посочуваат големата штедливост на Германците и многу воздржаните барања на синдикатите кои пак ја намалуваат внатрешната побарувачка за домашни и производи од странство.

Други пак, како на пример министерот за финансии, Волфганг Шојбле, го наведуваат курсот на еврото, кој е пренизок за силната германска економија, и ја поттикнува побарувачката за германски производи во странство. Европската централна банка требало да направи една монетарна политика за сите земји членки во ЕУ, вели Шојбле и Црниот Петко го дава на трето место.

Automarkt Großbritannien Brexit Studie Export
Фотографија: picture alliance/dpa/A. Rain

Премал број инвестиции

Други пак посочуваат дека економијата во земјата премалку инвестира - таа си останува со своите ликвидни средства или ги вложува во странство. Државата пак не го користи суфицитот доволно за да вложува во улици, школи или побрз интернет. Порано било поинаку. На почетокот на '90-тите години кога се работеше за големата потреба источниот дел од Германија да фати чекор, земјата привремено стана импортер на нето капитал. Кога оваа потреба беше задоволена „државата и компаниите ги сменија страните", велат економистите од КФВ и додаваат дека вториве станале нето штедачи.

„Генерално суфицитот во трговската моќ рефлектира висок степен на заштеда над релативно ниските домашни инвестиции", пишуваат експертите. Германија користи значителен дел од неконзумираните економски приходи за таложење паричен капитал во странство наместо реален капитал во земјата.

На Германија итно и се потребни инвестиции во модернизирано производство за да може покрај демографски условениот надолен тренд, да се обезбеди ефикасно одржување на материјалната благосостојба. Суфицитот би можел да се намали и во интерес на Германија - „но, преку повеќе инвестиции дома и зголемен увоз наместо со намалување на експортот што би било штетно за економскиот раст", гласи заклучокот на анализата на КФВ.