Шпанија го поддржува проширувањето на ЕУ
15 декември 2009Проширувањето и досега беше приоритет на секое претседателство со Унијата, а така ќе остане и за време на шпанското раководење, вели министерот за европски прашања Диего Лопез Гаридо. „Шпанија е европски ориентирана земја. Проширувањето е дел од нашата политика. Ние сметаме дека ЕУ со Србија, Хрватска или Турција во рамките на заедницата може да биде само посилна, а не послаба“.
Сепак Гаридо не се согласува со тезите на некои ЕУ дипломати кои велат дека проширувањето е најдобрата европска надворешна политика. Според Шпанецот, тука не станува збор за надворешна политика, туку за односи со земји кои еден ден би можеле да бидат дел од Унијата. Тука според него, станува збор за „поинакви односи“. „Проширувањето е дел од основата на Европа, и дел од уставната структура на Унијата. Доколку сте демократска земја и ги исполнувате критериумите од Копенхаген можете да барате прием во ЕУ. Тоа е законот. Притоа, и ЕУ и Шпанија веруваат во владеење на правото“.
Добра перспектива за Западниот Балкан
Гаридо оценува дека Западниот Балкан има добра перспектива. Некои земји веќе имаат кандидатски статус, но Гаридо очекува за време на шпанското претседателство тој број да се зголеми. „Видовме дека европската перспектива е секогаш добра за земји кои се наоѓаат во процесот на евроинтеграциите. Имавме можност да видиме, на примерот на Србија, дека европерспективата им донесе многу подобрувања на нејзините граѓани. Токму затоа велиме дека проширувањето е голем дел од европската политика“.
Иако не можеше да потврди дали Хрватска ќе ги заврши преговорите за време на претседателството на неговата земја, Гаридо очекува Хрватска и Исланд „набрзо“ да станат полноправни членки на Унијата. Во истиот период се очекува, првите шест месеци од 2010 година, и Македонија да ги почне преговорите за членство. Шпанија ветува поддршка и за српскиот пат кон ЕУ, од кандидатурата за членство, па до заложби за ратификација на Договорот за стабилизација и асоцијација.
Автор: Марина Максимовиќ/Борис Георгиевски
Редактор: Александра Трајковска