1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпагата на Меркел во Саудиска Арабија

ЕМФ / дв
1 мај 2017

Саудиска Арабија нуди огромни економски шанси и е важен партнер при решавањето на многу кризи. Канцеларката Меркел во текот на посетата на Џеда, сепак стави до знаење дека човековите права не се предмет на преговори.

https://p.dw.com/p/2cAXh
Saudi-Arabien Merkel neben König Salman im Königspalast
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Германската канцеларка Ангела Меркел гледа напредок во воената соработка на Германија со Саудиска Арабија, но и натаму зборува отворено за лошата состојба со човековите права во таа земја. Таа по средбата со саудискиот крал Салман во пристанишниот град Џеда изјави дека Германија особено ќе инсистира на теми како смртната казна или ситуацијата со затворениот блогер Раиф Бадави и други, зашто во тој дел има многу дефицити.

Сепак, важната порака од посетата на канцеларката на Саудиска Арабија е дека Берлин и Ријад можат да имаат добра економска соработка без притоа да пречат германските насоки за извоз на оружје. Претходно, саудискиот заменик министер за економија Мохамад ал-Туваиџри во интервју за „Шпигел“ рече дека неговата земја веќе нема да ѝ „прави проблеми“ на германската влада со „постојано нови желби за оружје“.

Меркел изјави: „Ние имаме многу стриктни насоки за извоз на оружје“. Тоа во минатото предизвикуваше неразбирање на саудиска страна. Наместо да испорачува оружје, Германија има намера да пружа помалку контроверзна форма на воена помош: Меркел укажа на договор за обука на припадници на саудиската армија во Германија, кој министерствата за одбрана го склучија претходно. „Не можеме да имаме германски војници насекаде во светот, но можеме да го пренесеме нашето 'ноу хау'“, рече канцеларката.

Меркел притиска за завршување на воздушните напади во Јемен

Со оглед на саудиската воена интервенција во граѓанската војна во Јемен, германската канцеларка инсистира на завршување на воздушните напади. „Ние сме за ОН-процес за постигнување на дипломатско решение. Не веруваме дека овој конфликт може да се реши воено“, рече Меркел. Германија, меѓутоа, сака да ѝ помогне на Саудиска Арабија за подобра заштита на нејзината граница кон Јемен. За таа цел би требало засилено да се обучуваат граничари. Според Меркел, мора да се спречи во екстремно сиромашниот Јемен уште повеќе луѓе да се најдат во „исклучително лоша хуманитарна ситуација“. Саудиска Арабија, меѓутоа, не е единствениот актер кој би морал да направи компромиси.

Арапска воена коалиција под раководство на сунитска Саудиска Арабија повеќе од две години бомбардира позиции на шиитските Хути-бунтовници во соседната земја. Во тие бомбардирања постојано гинат цивили, така што дури и блискиот сојузник САД минатата година побараа запирање на воздушните напади. ОН соопштија дека поради војната во Јемен две третини од населението во таа земја има потреба од итна помош.

Merkel reist nach Saudi-Arabien
Меркел во Џеда беше примена од кралот СалманФотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Огромни шанси за германската економија

Канцеларката смета дека со оглед на големите економски промени во Саудиска Арабија, германската економија има големи шанси. Поради падот на цената на нафтата кралството е соочено со задача да развие нови перспективи за иднина. Во таа смисла, германското стопанство склучи важни договори  со Саудиска Арабија.

На пример, САП треба да помогне во процесот на дигитализација на земјата, а Сименс во напредувањето на економската програма. Меркел потенцираше дека програмата со име „Визија 2030“ не е само економска, туку „и покрај сите тешкотии, треба да овозможи извесно отворање на општеството, што значи и поголеми права и можности за жените“. Притоа, станува збор за поголемо вработување жени генерално, како и зголемување на процентот на жени на раководни позици.

Организацијата за човекови права Амнести Интернешнал оценува дека во Саудиска Арабија се зголемуваат повредите на човековите права. „Трендот е негативен“, оцени експертот за Блискиот Исток, Рене Вилдангел.