1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шешељ во Хаг - дури по изборите?

Ивица Петровиќ/Ж.А.31 март 2016

На српскиот ултаранационалист Војислав Шешељ во Ден Хаг ќе му биде изречена пресудата поради воени злосторства, со што ќе се компликува ситуацијата во Србија пред изборите.

https://p.dw.com/p/1IM6L
Фотографија: picture-alliance /EPA/A. CUKIC

Лидерот на Српската радикална партија Војислав Шешељ, по враќањето од Ден Хаг поради хуманитарни причини, продолжи таму каде што започна и пред доброволно да се предаде на Хашкиот трибунал. Во текот на последните години тој предизвика цела низа инциденти на регионален и внатрешен план, продолжи со минирање на остатокот од опозицијата, а од долго очекуваната жестока пресметка со некогашните партиски соборци Томислав Николиќ и Александар Вучиќ, практично нема ништо. Шешељ повремено го критикува Николиќ, но никогаш и Александар Вучиќ. Меѓутоа, палењето на знамето на ЕУ и НАТО, вербалните закачки со Хрватска и млаката опозициска активност беа сепак доволни да ги вратат во живот веќе заборавените радикали. Според истражувањата на јавното мислење, партијата на Шешељ би требало да влезе во составот на идниот Парламент. Со својот став дека нема доброволно да се врати во Ден Хаг, тој исто така на сегашните власти им ја искомпликува и политичката ситуација, пресудата ќе ја сослуша во Белград.

Употреба на Хаг за пораст на тензиите

Во пресрет на пресудата против Војислав Шешељ, повторно се појавуваат некои работи во регионот, каде секоја пресуда или тркалезна годишнина се користи за подигање на тензиите, оценува за Дојче веле Александар Попов, директор на Центарот за регионализам. „Мислам дека и по пресудата за Шешељ можеме да очекуваме тешки зборови и изјави, тоа ќе потрае неколку дена, а потоа пак ќе наиде некоја годишнина и така ќе се вртиме во круг.“ Имаше очекувања дека Шешељ нешто повеќе ќе ги протресе своите бивши соборци, сегашниот претседател Николиќ премиерот Вучиќ, но тоа сепак не се случи, забележува Попов. „Зашто, сето она што се случуваше изминатата една година, повеќе личеше на циркус, отколку на некоја сериозна критика. Единствено што Шешељ успеа е да ги подигне радикалите над изборниот праг, па веројатно ќе ги имаме повторно во Парламентот. Така по извесно време во Собранието ќе имаме барем две политички групации кои се против европските интеграции, а за блиска соработка со Русија.“

Belgrad - Vojislav Seselj verbrennt kraotische Flagge
Шешељ во Белград го пали хрватското знамеФотографија: Getty Images/AP/A. Stankovic

Радикалите - главоболка за власта

Не можеме да знаеме каква пресуда ќе добие Шешељ, но тоа сигурно дополнително ќе ја искомпликува ситуацијата во Србија, најверојатно и во регионот, истакнува за Дојче веле професорот на Факултетот по политички науки, Ѓорѓе Павичевиќ. „Многу е веројатно, доколку Шешељ добие затворска казна подолга од времето поминато во притвор, дека тоа ќе биде голема главоболка за властите во Србија. Зашто, најверојатно Шешељ ќе се најде како пратеник во Парламентот, а тоа важи и за тројцата радикали кои Хаг исто така ги бара поради попречување на работата на тој суд. Тоа ќе значи, со оглед што сите тие одрекуваат доброволно да се предадат, дека власта можеби ќе мора како знае и умее да му испорача на Хаг дури четворица пратеници од новиот состав на Српското собрание.“

Би било исто така претенциозно да се рече дека самиот Шешељ е најзаслужен за влошувањето на меѓудржавните односи во регионот, смета Ѓорѓе Павичевиќ: „Тој само потсети на некои лоши денови кои ги имавме во меѓусебните односи, но најмногу кон тоа придонесоа политичките промени во регионот. На пример, и српската и хрватската влада ја сочинуваат луѓе кои, во помала или поголема мера, беа учесници во судирите во деведесеттите години, па така, влошувањето на односите беше програмирано. Шешељ беше само добро орудие за подгревање на атмосферата, за дополнително готвење негативна атмосфера.“

Хрватската радикализација

Војислав Шешељ е периферна личност во целата приказна околу српско-хрватските односи, смета Александар Попов. „Тоа е кловновски начин на водење политика, на тоа никој не би смеел да се улови. Би споменал, острите реакции кои стигнуваат од Хрватска, сепак не се неочекувани, добар дел од неделата кои му се припишуваат на Шешељ е поврзан токму со Хрватите. Протерувањето на Хрватите од Срем, Хртковци се само еден очигледен пример. Шешељ очигледно сериозно придонесувал за разгорување на воениот судир. Шешељовци имале свој удел и во Босна и Херцеговина.“

Serbien Tomislav Nikolic und Aleksandar Vucic Parteitag mit Seselj T-Shirt
Томислав Николиќ и Александар Вучиќ на партиски собир во 2004 година со маици со ликот на ШешељФотографија: Getty Images/AFP/K. Sulejmanovic

Друга причина за толку острите реакции од Хрватска имаат врска со тамошната власт, чија политика во голема мера се темели на креирање внатрешни и надворешни непријатели, наведува Попов: „Гледаме дека тамошните малцинства, сеедно дали национални или политички, се чувствуваат прилично загрозени. Сегашната хрватска владејачка гарнитура ја радикализираше политичката сцена, а тоа потоа се рефлектира и на односите со соседите. Како што гледаме, постојано се појавува некое предупредување - или дека ќе блокираат некои поглавја во преговорите на Србија со ЕУ, или се поставува прашањето околу границите, исчезнатите лица, или се процесуираат воени злосторства.“

Забавување на европските интеграции?

Српските власти досега некако успеваа да го одложат враќањето на Војислав Шешељ во Хаг, но како поминува времето, тоа ќе биде се‘ потешко, предупредува Ѓорѓе Павичевиќ. „Доколку процесот против Шешељ продолжи и по пресудата, вклучувајќи ги тука и случаите на тројцата радикали кои Хаг исто така ги бара, државата ќе има обврска да ја продолжи соработката според Законот за соработка со Хашкиот трибунал. Да не заборавиме, случајот Флоренс Артман на некој начин го зајакна легитимитетот на Хаг, покажа дека тука нема премногу заштитени.“

Ако по пресудата за Шешељ, се разбира, доколку казната биде подолга од досегашниот притвор, српската власт не го спроведе Шешељ во Хаг, можни се одредени санкции, првенствено поврзани со забавување на европските интеграции на Србија, вели Александар Попов. „Или на крај, Шешељ ќе биде испорачан на Хаг, но дури откако ќе поминат изборите, што според мое мислење е најверојатната опција.“