1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шефот смее да ги чита вашите приватни пораки

Х. Хамфри/бг14 јануари 2016

Вработените во Европа треба двапати да размислат пред да испратат приватна порака од работното место. Европскиот суд за човекови права пресуди дека е легално компаниите да ја следат онлајн комуникацијата на вработените.

https://p.dw.com/p/1HczW
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Каква порака испраќаш?“ Доколку шефот ви го постави ова прашање повеќе не можете да одговорите со „извинете, тоа е приватно“. Всушност, Европскиот суд за човекови права одлучи дека работодавачот не само што има право да знае кому му пишувате, туку и што пишувате.
Во вторникот судот донесе одлука во случајот на романски инжинер кој беше отпуштен во 2007 година откако неговата компанија открила дека го користи интернетот за приватни потреби во работно време. Пред судот беа покажани 45 страници од приватната конверзација на Богдан Барбулеску преку Јаху Месинџер со неговиот брат и свршеница.
Судиите во највисокиот европски суд оценија дека шефовите на инженерот имале право да ги следат неговите онлајн активности, затоа што правилата на компанијата стриктно забранувале испраќање пораки за лични потреби, а од Барбулеску било побарано да отвори Јаху профил стриктно за деловни потреби.

Барбулеску веќе загуби во тужбата пред романските судови, па се жалеше во Стразбур. Тој се надеваше дека судот ќе утврди оти неговиот работодавач го прекршил Членот 8 од Европската конвенција за човекови права која утврдува право на почитување на „приватниот и семејниот живот, домот и кореспоненцијата“.

„Ова не е зелено светло“

Судиите оценија дека „не е неразумно што работодавачот сакал да провери дали работникот се придржувал до работните обврски во работното време“. Судиите исто така сметаат дека поради тоа што работодавачот верувал дека тој работи на деловниот профил, имале право да го сторат тоа.
Во секој случај, од судот за ДВ изјавија дека пресудата во овој случај „не е зелено светло за работодавачите да ја набљудуваат приватната комуникација на нивните работници за време на работното време“.
Еден од седумте судии не се согласи со пресудата. Судијата Пауло Пинто де Албакерки во судските документи образложи дека личната преписка на Барбулеску во работното време не била ниту предолга ниту и нанела штета на компанијата. Според него, отказот за Барбулеску бил „несразмерен“.

Ризик од „Големиот брат“

Истиот судија предупреди дека доколку компаниите јасно не ги образложат своите правила за користење на интернет „набљудувањето на интернетот на работното место би можело да биде злоупотребено од работодавачите кои би ја преземале улогата на Големиот брат и би ги контролирале работниците како тие да им го продале не само својот труд, туку и приватниот живот на работодавачите“.
Одлуките на Европскиот суд за човекови права се обврзувачки за 47 земји кои ја ратификуваа Европската конвенција за човекови права. Во следниве три месеци пресудата може да се обжали.