1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шефер во Атина

3 март 2008

Генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер, не успеа да го омекне ставот на грчката влада во врска со името. По посетата на Атина тој ги повика двете страни да вложат дополнителни напори за надминување на проблемот

https://p.dw.com/p/DHGb
Јаап Де Хоп ШеферФотографија: AP

Генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер, по денешните разговори во Атина со грчките власти изрази надеж дека Македонија и Грција, ќе најдат решение за долгогодишниот спор за името пред клучниот самит на Алијансата во Букурешт: „Мислам оти е јасно дека поканата за членство ќе зависи од перформансите, меѓу кои е и решение за прашањето на името. Членството во НАТО зависи од консензус на сите 26 земји членки. Грција е стара членка на НАТО, што не е случај и со земјите кандидати, што е темелна разлика„ изјави Шефер по разговорите со грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани.

Првиот човек на Алијансата и натаму се надева дека решението е можно. Тој сака да види консензус, кој сепак треба да биде достижен и можен.

Грчката страна останува на ставот за вето за членство на Македонија во НАТО, доколку властите во Скопје не попуштат. Тоа го нагласи и премиерот Костас Караманлис во говор во парламентот во петокот. Грчкиот весник „Катимерини„ денеска (03.03.2008) пишува дека американскиот претседател Џорџ Буш, кој во петокот во Вашингтон разговараше со Шефер, попладнево телефонски ќе разговара со македонскиот претседател, Бранко Црвенковски и грчкиот премиер, Костас Караманлис. Напредок не беше постигнат и на последната рунда преговори во Вашингтон со посредство на Метју Нимиц. По разговорите со амбасадорите Никола Димитров и Адамантиос Василакис, посредникот на ОН призна дека разликите меѓу двете страни се преголеми за да се дојде до компромис. Грција инаку инсистира на име за Македонија кое би содржело географска одредница, како „Република Северна Македонија“ или “Горна Македонија“. Македонската страна, пак, останува на ставот за двојна формула - уставното име за меѓународна употреба и договор со Атина за име во билатералните контакти. Инаку, министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, во четврток во Брисел ќе одржат последни консултации околу поканите за членство на земјите од т.н. Јадранска група -Македонија, Албанија и Хрватска. Конечната одлука ќе биде донесена на самитот на НАТО, кој од 2 до 4 април ќе се одржи во Букурешт.