1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп нема да се смени

Михаел Книге
21 јули 2017

Доналд Трамп раководи со САД половина година. Гвенда Блер, биограф на семејството Трамп извлекува биланс - досега немаше вистински кризи. Претседателството може да го потресе само една работа.

https://p.dw.com/p/2gstp
Frankreich Nationalfeiertag in Paris | US-Präsident Donald Trump
Фотографија: Reuters/G. Fuentes

ДВ: Доналд Трамп е на претседателската функција шест месеци. Госпоѓо Блер, што според Вас се трите најзначајни настани во неговото досегашно владеење?

Гвенда Блер: Има неколку работи кои би можеле да влезат во учебниците по историја. Да му дадеш отказ на Коми (заб.на редакцијата: поранешен директор на ФБИ, Џејмс Б.Коми)е голема работа. Неговата поддршка за автократски ликови како Путин (заб.на редакцијата: рускиот претседател Владимир Путин) и секако неговата неспособност нешто да направи како што треба.

Вие како биограф го познавате Трамп подобро од останатите луѓе. Изненадени ли сте од неговата досегашна политика?

Еден збор: не. Не тврдам дека имам способности да претскажувам иднина, но не ми ни требаат. Тој вети дека неговите искуства како бизнисмен ќе ги користи и во Белата куќа. И луѓето си мислеа дека ќе ги стави во служба на земјата. Јас мислам дека неговите трговски способности навистина ги користи во Белата куќа, но за негов интерес. Тој имаше фирма ориентирана кон профит што се профилираше преку него како бренд. Сега и Белата куќа ја направи фирма ориентирана кон профит што исто така се профилира преку неговата марка.

На Трамп му префрлаат дека нема јасно политичко убедување - дури ни за толку суштествени теми како здравствената политика, климатските промени или пак трансатлантските односи. Наместо тоа изгледа како главно да сака да склучува договори, без разлика на тоа дали притоа ќе ги оддалечи сојузниците или свои луѓе од кабинетот. Како да се објасни ваквиот однос?

USA Autorin Gwenda Blair
Гвенда БлерФотографија: Matthew W. Stolper

Цел живот бил екстремно фокусиран на конкуренцијата и на тоа да излезе победник. За него било единствено битно дали се добива или се губи. И ако не можел да добие на еден, добивал на друг начин. На самиот почеток на неговата кариера, кога уште тргувал со станови во њујоршката висококатница Трамп Тауер, бил многу незадоволен од фактот дека макета од зградата на Џенерал моторс била повисока од макетата на висококатницата Трамп. Затоа сакал да ја зголеми макетата на облакодерот Трамп, но жената задолжена за продажба му објаснила дека не смее тоа да го направи. И што направил? Ја скратил другата макета, тоа било дозволено. Оваа приказна убаво сумира како тој им пристапува на нештата.

Претседателствувањето на Трамп е обележано од силната поврзаност со семејството. Откако членови му помогнаа во изборната кампања, сега му помагаат и во Белата куќа. Тоа веќе предизвика политички и правни проблеми - последна во низата беше информацијата дека син му се среќавал со руски адвокат за време на изборната кампања. Трамп, сепак, секогаш застанува во одбрана на своето семејство. Постои ли можноста некогаш да се откаже од некој член на семејството?

Ако тоа се случи, тоа би било единствената вистинска криза во неговиот мандат. Трамп сметаше дека ќе може да ја води Белата куќа како фирма. Ако им кажеш на луѓето што треба да прават, тоа и го прават. Сега излегува дека треба да се соочи со Конгрес од 535 лица кои си имаат своја база и не попуштаат толку лесно на неговите барања. Мислам дека тоа беше и уште е шок за него. Сепак, во перцепцијата на Доналд Трамп сѐ уште немало криза. Тој постојано ги поместува и редефинира своите цели, на пример во делот на здравствената заштита. Но, доколку се најде приморан да дистанцира некој кој се вика Трамп или е оженет со некоја од семејството Трамп, е тоа би било вистинска криза за него.

Оние што го бранат аргументираат дека е нов на политичката сцена и дека мора прво да се најде во својата улога. Може ли да го смени своето однесување во иднина?

Ни малку. Нов во политиката? Тој има 71 година и мислам дека веќе 71 година е и државјанин на оваа земја. Сите нас на училиште нè учеа дека постои поделба на власта и систем од „checks and balances“ и дека мора да се прават и компромиси. Во светот на бизнисот тоа го нема. Зошто би се променил? Нема да се промени. Освен тоа, има гласачко тело на кое му вети дека ќе го преврти Вашингтон и дека ќе направи голем хаос - и тој тоа го испорачува. Неговите поддржувачи не ми изгледаат незадоволни.

Значи ни велите дека мора да се навикнеме на тоа оти нештата и натаму ќе одат како и досега. Што советувате Вие, како во иднина да се однесуваме кон претседателот Трамп?

Сметам дека медиумите и луѓето во земјата треба да земат предвид две нешта: следете ги неговите твитови и маневри на одвлекување внимание за да можете да реагирате на тоа. Но, истовремено немојте да изгубите од вид што се случува и во Конгресот и во други делови од егзекутивната власт.

Гвенда Блер е американски новинар, универзитетски професор и автор. Има напишано повеќе книги за три генерации на семејството Трамп.