1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шведска: Парламентот му изгласа недоверба на премиерот

ЖА / агенции
25 септември 2018

Шведскиот премиер Стефан Левен не доби доверба при гласањето во Парламентот. Нејасно е кој ќе биде иден премиер, можно е десничарските популисти да коалицираат со конзервативците.

https://p.dw.com/p/35Ro4
Schweden Wahlen Ministerpräsident Stefan Löfven
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Aimo-Koivisto

Две недели по изборите, мнозинството пратеници во шведскиот парламент му изгласа недоверба на премиерот Стефан Левен. За предлогот за смена на премиерот гласаа заеднички конзервативците и десничарските популисти во Стокхолм. Вакво изјаснување е вообичаено по парламентарните избори. Левен, кој на функцијата е четири години, мора да поднесе оставка, но и натаму ќе ја води владата во улога на технички премиер, сѐ до успешно завршување на коалиционите преговори.

Парламентарниот спикер Андреас Норлен, во разговори со партиските шефови, треба да оцени чиј кандидат има најголеми шанси за формирање влада со доволна поддршка во Парламентот.

Повеќе: 

Крај на хармонијата во Шведска

Пат-ситуација во Шведска

Двата политички блока имаат аспирации за формирање влада, но ниеден не располага со мнозинство во Парламентот. Црвено-зелениот сојуз предводен од Левен има само еден мандат повеќе од Граѓанската алијанса составена од четири партии, поради што деснопопулистичките Шведски демократи имаат клучна улога.

Врвниот кандидат на Алијансата, Улф Кристерсон, досега исклучуваше соработка со десничарските популисти, иако без нивна поддршка не може да дојде до премиерското место. Десните популисти пак сигнализираа подготвеност да гласаат за Кристерсон доколку им биде дадена можност за влијание врз идната владина политика.

При изборот на претседател на Парламентот, конзервативците успеаја да го протуркаат својот кандидат, благодарение на гласовите на Шведските демократи за Норлен. Левен и натаму има шанса да биде пермиер, но за таа цел треба да ја придобие на своја страна Партијата на центарот, што досега не му успеа.