1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Швајцарците гласаат за полесно протерување странци

Кристоф Хаселбах / Е.М. Фиданоска28 февруари 2016

Швајцарците в недела гласаат за иницијативата на десноконзервативната партија СВП со која би требало значително да се олесни протерувањето на странците криминалци.

https://p.dw.com/p/1I2nJ
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Burmeister

„ДА за протерување странци кои се криминалци“ - стои на плакатот со кој Швајцарската народна партија (СВП) се бори за прифаќање на нејзината „иницијатива за спроведување“. На плакатот има и бела овца која шутира црна овца надвор од швајцарското знаме.

Според мислењето на СВП, воопшто и нема потреба од иницијативата, зашто во 2010 година партијата веќе постигна успех со една друга „иницијатива за протерување“. Мнозинството Швајцарци тогаш гласаа за поостри правила за протерување на странци кои се криминалци. Но, правосудството со попустливи пресуди, поддржано и од политиката, ја поткопуваше иницијативата, уверена е СВП. Сега граѓаните, со ново изјаснување, треба да се изборат за спроведување на „народната волја“, се надева СВП.

Зошто би требало да се заострат постапките против странците кои се извршители на кривични дела, објаснува претседателот на СВП, Тони Брунер: „Со оглед на големите бегалски бранови и проблемите поврзани со тоа, повторно треба да ѝ се даде неопходната тежина на безбедноста во Швајцарија.“ Многу луѓе, според него, од страв од злосторства се плашат да излезат од дома. „Факт е дека најголемиот дел кривични дела, како што е на пример силување, се извршуваат од страна на странци“, нагласува Брунер.

Пребрзо возење и непристојно обраќање и... толку!

За разлика од поранешните „иницијативи за протерување“, овојпат е утврден детален механизам на условите под кои некој би требало да го загуби, така да се каже, автоматски правото на престој во земјата, без да има можност на жалба. Притоа, има две категории кривични дела. Оној што е проглаен за виновен за убиство, тешки телесни повреди, трговија со луѓе или злоупотреба на социјални услуги, треба веднаш да биде протеран од земјата. Дека треба да заминат убијци е разбирливо дури и за многумина критичари на иницијативата. Но, веќе кај кривичното дело „злоупотреба во сферата на социјални давачки и услуги“ има дилеми: во таа категорија лесно може да се најде и некој од стотиците илјади странски стручњаци, меѓу нив и германски и француски менаџери, кој дава погрешни податоци за да избегне социјални давачки.

Исто толку бргу би бил протеран и странец кој би извршил кривично дело од втора категорија, како полесни телесни повреди, кршење на куќниот ред и мир или закани кон службено лице. Ако некое лице во изминатите десет години било казнето со затворање или со пари, сеедно од кои причини, и ако изврши кривично дело од втора категорија, исто така ќе биде протерано без пардон. Тоа би значело - ако еднаш на автопат претекнувате од десно и години подоцна му се развикате на полицаец, веќе го губите правото на престој во Швајцарија, дури и ако сте раководно лице во некое швајцарско претпријатие кое е многу барано.

Polizei in der Schweiz
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

Една четвртина од лицата кои живеат во Швајцарија имаат странски пасош, мнозинството од нив од земји на ЕУ. Затоа претседателот на Швајцарскиот сојуз на претпријатија Хајнц Карер е уверен: „Оваа иницијатива му нанесува огромна штета на швајцарското стопанство.“

Критичарите тврдат дека иницијативата е само привидно решение. Оние од кои Швајцарците навистина се плашат, воопшто нема да бидат погодени со иницијативата. На пример, провалничките банди нема да се исплашат, вели Штефан Егли од „Комитетот против иницијативата за спроведување“. Крадецот „не го интересира дали веќе не смее да влезе во Швајцарија, затоа што тој и онака тука престојува илегално и тука е само за да извршува провали“.

Опасност за демократијата?

Многу Швајцарци, меѓутоа, против иницијативата се од принципиелни причини, затоа што судовите практично нема да имаат можност за проценка дали некое лице кое извршило вакви дела треба да биде протерано или не, туку тоа би се случувало автоматски. Во Комитетот против иницијативата за спроведување се вели: „Иницијативата е кугла за уривање на Швајцарија: таа е против основните вредности на нашата демократија, против столбовите на нашата правна држава.“ Според Комитетот, „варварски“ е што промените би требало да важат и за потомците на доселениците кои живеат во Швајцарија, а кои немаат швајцарски пасош. Станува збор само за пасошот, а не за инвидиуалната ситуација.

Не помалку остар е апелот на 120 професори по право во Швајцарија, во кој се вели: „Цел на иницијативата е целосно исклучување на судиите од проценката на кривичните дела и последиците од тоа кои произлегуваат согласно законот за странци. Со тоа темелно се менуваат основните принципи, особено принципот на сразмерност.“