1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шацимаркакис: Македонија е на добар пат

1 октомври 2009

Новиот претседател на Мешовитиот парламентарен комитет, европарламентарецот Јорго Шацимаркакис во интервју за ДВ им порача на Скопје и Атина, дека секоја радикална позиција во спорот со името е пограшна.

https://p.dw.com/p/JvJy
Јорго ШацимаркакисФотографија: picture-alliance/ dpa

Една од информациите, која циркулира за Вас во Македонија е дека имате грчко потекло иако сте Германец. До кој степен Вашите корени ќе влијаат врз Вашата работа во Мешовитиот парламентарен комитет?

Тоа е точно, мојот татко е Грк, иако сум роден и израснат во Германија, зборувам грчки и со моите деца така што Грција и грчката култура се важни. Меѓутоа, како европски граѓанин се чувствувам слободен, ова прашање да го гледам од технички аспект. За мене е многу важно да и овозможиме на оваа прекрасна земја да се подготви за членство во ЕУ. И уверен сум дека многу скоро ќе бидеме во состојба да фатиме нормален ритам, да преговараме за сите поглавија. Сигурен сум дека штом ќе се исполнат условите, ќе имаме нова земја членка многу скоро.

За време на средбата истакнавте дека сакате да им придадете важност на реалните прашања кои директно ги засегаат луѓето, наместо да го потенцирате прашањето со името, можете ли да објасните зошто?

Кога си легнувам навечер не ме интересиран тоа кое е името на оваа или онаа земја. Она што ме интересира е дали моите деца ќе добијат квалитетно образование, дали имам за јадење, дали можам да ја возам колата по добри патишта. Тоа е тоа што е важно за луѓето, економијата, социјалните прашања, образованието, животната средина. Мислам дека во некои европски региони, а Балканот е еден од нив, понекогаш историјата игра многу, многу важна улога. Тоа е можеби така, но на крајот, тоа не е тоа што е важно, туку она што е важно е дали се чувствувате добро. Јас сакам да и помогнам на оваа делегација да успее, да се бори за своите цели, да ја направам Поранешната Југословенска Република Македонија подготвена за модерна Европа, бидејќи таа е дел од Европа. Треба да бидеме горди на своите различности, тоа е тоа што мене ме интересира. Од друга страна, прашањето за името се решава на ниво на Обединетите Нации, на билатерална основа, така што ЕУ не е еден од главните играчи овде.

Но, знаеме дека на крајот на патот, дури и кога сите реформи ќе бидат исполнети, Македонија ја чека грчката закана со вето во Советот на ЕУ. Кој би бил вашиот совет до македонското раководство за името?

Јас би им рекол на двете страни дека секоја радикална позиција е погрешна. Нам ни треба технички пристап. Колку што разбрав сега сме многу блиску до пробив во однос на името, тоа е добра вест. Затоа, не би ја продлабочувал таа закана, туку би се концентрирал на шансите што им се пружаат на сите. Силно сум уверен во тоа.

Дали очекувате препорака за почеток на преговори со Македонија во претстојниот извештај на ЕК?

Мислам дека е прерано, се’ уште е октомври месец, се’ уште е рано.

Дали сте оптимист?

Дали сум оптимист, да. За оваа година не сум толку сигурен, но наредната година сигурно.

Последно прашање за меѓуетничките односи во Македонија. Дали мислите дека тие се се’ уште проблематични во земјата?

Тие се проблем во Финска, во Германија, каде што имаме малцинства, во Шпанија, во Белгија, и во вашата земја. Не треба да ја потценуваме улогата на малцинствата и на меѓуетничките спорови, имаме добри примери за организација како што се Швајцарија, Финска. Тоа е исто така европската реалност, да учиме едни од други, да ги разгледаме најдобрите пракси кај другите и евентуално да ги примениме во своите земји. Вашата земја е уште млада и без сомнение може уште да научи од други, но мислам дека земјата е на добар пат.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска