Шатл дипломатија со мали изгледи за успех
12 август 2008Пропадна уште еден обид на Советот за безбедност на ОН за постигнување заеднички став околу судирот на Русија и Грузија.
Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин, соопшти дека неговата земја нема да гласа за резолуцијата на Советот за безбедност која повикува на прекин на огнот во конфликтот, базирана врз францускиот мировен план. Францускиот план предвидува - итен прекин на огнот, почитување на територијалниот интегритет на Грузија и враќање на состојбата пред грузиската интервенција во Јужна Осетија, на седми август. Според Чуркин, Русија не била консултирана кога бил составуван текстот на резолуцијата. Тој подвлече дека Русија има две барања - повлекување на Грузијците од Јужна Осетија и обврзување на Тбилиси дека нема да посегнува по сила во Јужна Осетија и Абхазија.
Различни погледи, различни барања
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Иванов, смета дека договорот на ЕУ за мир не е соодветен и дека договор за прекин на огнот Тбилиси треба да постигне директно со Јужна Осетија и Абхазија: „Треба да бидеме сигурни дека Грузија потпишува договор со Јужна Осетија и со Абхазија дека никогаш повеќе нема да употребува воена сила за надминување на политичките конфликти. Во тоа мора да бидеме сигурни.“
Американскиот претседател, Џорџ Буш, уште еднаш од Русија побара да ја заврши воената офанзива во Грузија. По враќањето од Кина, Буш рече: „Русија изврши инвазија на суверена соседна држава и и‘ се заканува на демократски избрана влада. Таков потег е неприфатлив во 21-от век.“
Рускиот премиер, Владимир Путин, пак на ваквите американски барања и тврдења одговара: „Студената војна е долго време завршена, но размислувањата од овие времиња некои американски дипломати сеуште не ги надминале. Тоа е за жалење, но ние и натаму работиме на развивање добри односи, вклучително и со Американците.“