1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шансите за визна либерализација се реални

23 април 2009

Македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, се сретна со еврокомесарот Оли Рен. Тема - препораките за подготвеност на Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ и визната либерализација.

https://p.dw.com/p/HcMu
Антонио Милошоски и Оли РенФотографија: Dragan Todorovski

Македонија има реални шанси до крајот на годинава да добие датум за почеток на преговори, како и визна либерализација, бидејќи нема сомнение дека е лидер во исполнувањето на критериумите во регионот, истакна еврокомесарот за проширување, Оли Рен, на прес-конференцијата по средбата со македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, во Брисел.

„Посетата на министерот за надворешни работи е убава можност да се прикаже состојбата на работите, што се однесува до претпристапниот процес, особено по неодамна одржаните избори, кои беа моментот на вистината. Земјата има јасна шанса да продолжи на патот кон ЕУ. Што се однесува до либерализацијата на визниот режим, што е мошне важно за обичните граѓани, Македонија оствари добар напредок во исполнувањето на обврските.“

Рен додаде дека ЕК наскоро ќе ја соопшти финалната оценка и најверојатно ќе препорача визна либерализација за земјите кои ги исполнуваат условите за тоа.

Symbolbild Visum und Visa Warndatei
Визна либерализација до крајот на годинава?Фотографија: picture-alliance/chromorange

Нови услови нема

Во врска со одредувањето датум за Македонија за почеток на преговорите со ЕУ, Оли Рен наведе дека пред земјата нема нови услови од оние што беа поставени пред една година.

„Препораката на Комисијата за почеток на пристапните преговори за членство во Унијата зависи од остварувањето на критериумите кои беа поставени во март, минатата година. Целите ниту се променија, ни се поместија - и понатаму е најважно да забрзаат реформите, посебно во судството, јавната администрација и борбата против корупцијата“.

Според еврокомесарот Рен, решавањето на проблемот со името со Грција ќе значи бенефит за сите. Тој даде охрабрување за продолжување на преговорите, под посредство на ОН.

Билатералните прашања да не се злоупотребуваат

Министерот Милошоски, пак, изразувајќи задоволство од искажаните честитки за успешно спроведените избори, рече дека со тоа се покажува дека Македонија има политички капацитети да продолжи со интегративните процеси.

Treffen des Mazed. Außenministers Antonio Milososki mit dem EU Kommisar Oli Rehn
ЕК наскоро ќе ја соопшти финалната оценка околу визитеФотографија: Dragan Todorovski

„Следниот чекор и приоритет на земјата е да добие препорака од ЕУ за почнување на пристапните преговори. Тоа позитивно ќе влијае, не само на македонското општество, туку ќе биде позитивен сигнал за целиот регион. Истовремено, не` радува тоа што Македонија ќе биде водечка земја во регионот во исполнувањето на критериумите за либерализација на визниот режим“.

Во врска со проблемот со името, министерот за надворешни работи нагласи дека Македонија бара компромисно и фер решение за двете страни, како и доследно почитување на Времената спогодба од 1995 година, со која се забранува попречување на интегративните процеси на Македонија по привременото име: „Фер компромис е она на што работиме. Истовремено, мора да нагласиме дека злоупотребата на билатералните прашања претставува препрека за интегративниот процес во ЕУ, што не и` користи на ниедна страна вмешана во спорот, а не е од полза ниту за веродостојноста на ЕУ, воопшто“.

Македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, најави дека ќе го покани еврокомесарот Оли Рен да дојде во Македонија наскоро лично да се увери во напредокот што земјата го постигна.


Автор: ТТ/АТ/АЛ/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска