1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чудесна изборна математика

Томас Брај/дпа/сн6 мај 2016

Дали бројките се и факти? На изборите во Србија се покажа дека можностите на математиката не се ни оддалеку исцрпени. Нерегуларности- на сите страни. Резиме на ситуацијата на германската новинска агенција ДПА.

https://p.dw.com/p/1Ij6G
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Cukic

Владата и опозицијата во Србија меѓусебно се обвинија за лажирање на парламентарните избори од 24. април, како и делумно повторените избори во средата. Сега резултатот е јасен. Премиерот Александар Вучиќ и натаму има апсолутно мнозинство во парламентот, иако претрпе и сериозни загуби. Радикалната десница зајакна а новата граѓанска партија „Доста беше!“ влезе за првпат во парламентот. Но, патот до резултатите предизвика голема недоверба кај сите.

1. Веќе и Избирачкиот список со 6,7 милиони гласачи- при 7,1 милион жители- е сомнителен. Според тој список, само 400 илјади луѓе се помлади од 18 години.

2. Градоначалникот на Белград, Синиша Мали, го уфрлил свето гласачко ливче во непломбирана гласачка кутија, што е непрописно.

3. На Републичката изборна комисија (РИК) за време на изборната вечер ѝ беа потребни четири часа за да ги објави резултатите врз основа на 40 насто од преброените гласови. Неколку часа претходно, шефот на владата Вучиќ го објави наводниот резултат.

4. За време на изборната вечер, две мали партиски коалиции долго беа под цензусот од пет проценти. Дури откако претседателите на опозициските партии се појавија пред РИК и „извршија невиден притисок“, резултатот се промени: една партија освои 5,03 а другата со 5 насто имаше само еден глас помалку од потребниот број за преминување на цензусот.

5. Тоа се случува „еднаш во 1000 години“, тврди претседателот на РИК, Дејан Ѓурѓевиќ. Тој во текот на пребројувањето на гласовите учествуваше на вонредна седница зад затворени врати на владејачката Српска напредна партија

6. Опозицијата поднесе тужба против државната пошта: десетици жалби- испратени препорачано- пристигнаа до РИК дури по истекот на рокот- тоа не беше случајно.

7. РИК до понеделникот преброи 98,56 насто од гласовите. Ден подоцна, и покрај, дополнителните гласови, тој број изнесуваше само 98,04 проценти.

8. Поради неправилности (кои не се подетално објаснети) во среда беа повторени изборите на 15 избирачки места. иако на тие избоир право на глас имаа помалку од 20 илјади граѓани, РИК резултатите ги објави по полноќ. Додуша, едно изборно место не е земено предвид, бидејќи таму се востановени нови неправилности, а наводно дошло и до тепачка.

9. Иако владејачката СНС на повторените избори освои многу повеќе од половина од гласовите, нејзиниот вкупен резултат, со исклучок на две децимали, остана непроменет.

Комунистичките времиња со изборни резултати од 100 проценти се завршени пред децении. Но нерегуларностите останаа. Инаку Србија не е осамена во тоа. Насекаде во соседството има слични проблеми. Во Македонија, на пример, спорни се повеќе стотици илјади имиња на Избирачкиот список од 1,7 милиони граѓани.