1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Човековото достоинство е неповредливо

Рајнер Хофман / бг11 февруари 2016

Алијансата за космополитизам, солидарност, демократија и правна држава е името на новата организација која обединува против омразата и насилството против странците.

https://p.dw.com/p/1HteA
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.Kalaene

Во Берлин денеска беше промовирана Алијансата за космополитизам, солидарност, демократија и правна држава - против нетолеранцијата, ксенофобијата и насилството.

Алијансата испрати апел до јавноста, во кој се наведува:

„Германија е демократска, космополитска нација. Таа е интегрирана во ЕУ- заедница на заемно споделени вредности и заедничка економска политика- и е нација која е обврзана на принципите на универзалните човекови права. Луѓе од најразлични култури, верско и етничко потекло коегзистираат во Германија со децении. Заштитата на човечкиот дигнитет, кој е втемелен во нашиот Устав, се однесува на сите кои живеат тука - без разлика дали се тука со генерации, или пристигнале како мигранти или бегалци.

Оние кои ги напуштиле своите домови бегајќи од војна и прогон и во страв за своите животи, имаат право да бараат засолниште во Европа. Нашето убедување е дека Германија мора да продолжи да ја исполнува својата хуманитарна обврска во таа насока. Во истовреме, нема сомнеж дека заедничкото европско решение е клучно за да им се помогне на бегалците, и да се осигура дека тие ќе добијат вистински третман. Ниту една земја-членка на ЕУ не може да ја избегне оваа заедничка одговорност“, се наведува меѓу другото во апелот.

Рајнер Хофман, претседател на Сојузот на синдикатите и еден од иницијаторите на проектот во гостински текст за ДВ пишува:

„Пристигнувањето на бројни бегалци и имигранти во Германија означува нова ера на големи и специфични предизвици. Од тие причини денеска беше промовирана новата алијанса. Се работи за една од најголемите алијанси воопшто формирани во Германија која е поврзана со организации и групи од областа на религијата, спортот, социјалата, заштитата на природата, уметноста и културата. Го користиме овој повик да испратиме јасен и итен политички сигнал: Да, предизвиците се големи. Но ние сме убедени дека заедно, како граѓанско општество и раселени лица, можеме да им одговориме на предизвиците. Тоа нема да биде лесна задача за никого- ниту за нас ниту за раселените лица или имигранти. Потребни се услови и правила за да успееме- како што беше формулирано и во повикот- во исто време со инвестиции во образование, инфраструктура и кадри.

Потребен ни е јасен политички став- и истиот и го имаме- за да се спротивставиме на расизмот, нехуманоста и омразата. Повеќе од 900 напади врз прибежиштата на бегалците и значително вртење кон десно на неколку земји-членки на ЕУ откриваат загрижувачки развој кој мора да се сопре.

Секој еден напад врз дом на бегалците е премногу. Мора да им биде јасно на сите дека далеку поголеми и позначајни движења егзистираат во моментов во Германија и во другите земји кои прифаќаат бегалци: тие можат да се видат во великодушноста и посветеноста на илјадници волонтери, неуморните напори на општинските службеници, на училиштата, полицијата, бизнисот и домовите за раселени лица и имигранти. Би сакале преку овој повик да застанеме против десничарските популисти и да ги повикаме сите да им се спротивстават- на улица, на работа, или на интернет.

Reiner Hoffmann Kommentarbild App
Рајнер Хофман

Ја формираме оваа алијанса затоа што интеграцијата и сите нејзини аспекти се случуваат на работното место, без разлика дали во канцеларија, фабрика, градилиште или супермаркет. Со децении, тоа беше место каде се среќаваа луѓето од различни култури и со различно потекло. Луѓето кои заедно работат се запознаваат и веќе не се странци. Нашите синдикални членови и работнички совети ќе ја поддржат интеграцијата. Нашите партнери во алијансата ќе ги искористат средствата кои им се на располагање во нивните организациски структури за да го поддржат овој повик, но ќе развиваме и заеднички политики.

Десетте актуелни членки на алијансата сакаат да промовираат нејзин раст и отвореност низ целиот свет: ова не е ексклузивна организација. Во следните недели, ќе се обидеме да регрутираме нови партнери, организации или јавни личности за поддршка на каузата.“