1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Човековите права имаат универзална важност

Коментар на Улрике Маст Киршнинг10 декември 2008

Универзалната декларација за човековите права беше усвоена пред 60 години, но повреди на човековите права има секојдневно ширум светот. Дали тоа значи дека Декларацијата е неефикасна?

https://p.dw.com/p/GD8f
Високиот комесаријат за човекови права во ЖеневаФотографија: picture-alliance /dpa

Делегатите од 50 земји од светот, сосема сигурно ги имаа предвид стравотиите од Втората светска војна, кога во 1948 година, неколку месеци по основањето на ОН, постигнаа согласност за текстот: „Сите луѓе се слободни и родени со еднакви права и достоинство“. И тоа во никој случај не беше направено под диктат на САД и некои земји од Европа, туку во целата работа беа вклучени и Кина, Советскиот сојуз, Јужна Америка и земјите од Ориентот.

Во 1966-та година следуваа двата т.н „Пакта-близнаци“. Еден од нив е Пактот за граѓански и политички права. Тој ги обврзува 163-те земји потписнички да ги почитуваат овие права на нивните граѓани. Згора на тоа граѓаните можат индивидуално да им се обратат на ОН, доколку доживеале неправда. Повеќе илјадници такви поплаки во меѓувреме не само што го заострија погледот кон човековите права, туку водеа и кон усвојување на специфични договори, како на пример Спогодбата за правата на жените, Конвенцијата против измачувањето или пак Конвенцијата за правата на хендикепираните лица.

Традицијата не треба да биде изговор

Сеедно дали станува збор за слободата на мислењето или за правото на слободен избор на религијата, човековите права не загубија од својата актуелност и универзална важност. На пример, тоа не важи за т.н „Декларација од Каиро“ од 1990 година, што ја иницираа некои исламски земји, зашто таа одредува дека сите права и слободи му подлежат на шеријатското право. Меѓутоа, не смее да има доминација на религијата, туку само слобода за секој поединец таа да ја практикува. Притоа, оној кој инсистира на традиционалните посебности, најчесто сака да ги прикрие повредите на човековите права. Традицијата во улогата на половите во арапскиот свет на пример не значи ништо друго освен запоставување на жената. Погрешен е ставот и на некои азиски земји, кои човековите права ги гледаат како еден вид луксуз, кон кој може да се вратат, кога има економски успех. Државата секогаш мора да биде активна во почитувањето на човековите права, со сите ресурси со кои располага.

Menschenrechts Aktivisten demonstrieren vor dem UN Hauptquartier in Bangkok während des Besuchs des UN Generalsekretärs Ban Ki-moon Menschenrechte
Протести за поголеми човекови праваФотографија: picture-alliance/dpa

Човекови права од прва и втора класа?

Сепак западните држави доминираа, при вториот т.н „Пакт-близнак“ - Социјалниот пакт. Тој ги дефинира обврските на државите за правото на исхрана, на социјална сигурност, и правото на работа. Правото на индивудални поплаки меѓутоа не е гарантирано. Тоа доживеа неуспех поради конфликтот меѓу Истокот и Западот. Социјалистичките земји сакаа подобро исполнување на социјалните права на човекот, додека пак западните гледаа на нив како на човекови права од втора класа.

Оваа историска нерамнотежа на двата најважни пакта за правата на човекот, сега се израмнува. Иако САД, Данска, Полска и Велика Британија и натаму не се многу отворени за оваа тема, сепак Генералното собрание на ОН денеска со мнозинсво ќе го усвои индивидуалното право на поплаки во однос на Социјалниот пакт. Германија најави дека бргу ќе го ратификува овој документ. Универзалната декларација за човековите права , поради тоа и денес, 60 години по нејзиното усвојување, нема загубено од своето значење: Таа има универзално важење, таа е недделива и ги содржи точно оние насоки, кои се потребни за живот во мир и достоинство насекаде во светот.