1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чешкиот парламент даде виза за Лисабонскиот договор

Кристина Јансен19 февруари 2009

По контроверзните дебати, пратениците во чешкиот Долен дом на парламентот го изгласаа Лисабонскиот договор. Европскиот реформски договор со тоа прескокна важна пречка. Сега е на потег вториот парламентарен дом, Сенатот.

https://p.dw.com/p/GxAy
Чешкиот претседател Вацлав Клаус и премиерот Мирек ТополанекФотографија: picture-alliance/ dpa

Чешките пратеници речиси една година спореа околу Лисабонскиот договор. Последните недели неговите заговорници во парламентот се бореа буквално за секој глас.

Со 125 гласови, пет повеќе од неопходното, Лисабонскиот договор во Чешка ја прескокна првата пречка. Пратениците водеа макотрпни дебати. За чешкиот премиер Мирек Тополанек се работеше пак за политичко преживување, тој настапи искрено:

„Не добиваме воопшто ништо ако не го ратификуваме Лисабонскиот договор. Не постои алтернатива, ни останува само да го прифатиме или да бидеме отфрлени во Европа.“

Противниците на Лисабонскиот договор жилаво се бореа

До крај отпор пружаа комунистите и критичарите на ЕУ од партијата на Тополанек. Во конзервативно либералната Граѓанско демократска партија пратениците беа поделени. Пратеникот Јан Швипел беше огорчен противник:

„Лисабонскиот договор е основа за нова ЕУ. Како ќе изгледа таа покажа францускиот претседател Никола Саркози, со тоа што француските автомобилски концерни нема да произведуваат во Чешка. Во Европа нема да има фер конкуренција. Затоа тврдам дека Лисабонскиот договор е неуспех за елитите и измама на гласачите.“

Некои од ваквите критичари го сменија ставот. За таа цел беше усвоен дополнителен заклучок. Според него, Германците кои биле протерани по Втората светска војна од Чешка, врз основа на Лисабонскиот договор не можат да се вратат во земјата, чисто хипотетичко сценарио за заплашување, со кое се користеа критичарите на ЕУ и чешкиот претседател Вацлав Клаус.

Portugal EU Vertrag von Lissabon Flaggen
ЕУ треба да биде зацврстена со Лисабонскиот договорФотографија: AP

Не е се‘ завршено

Во април чешкиот Сенат треба да гласа за европскиот реформски договор. Но, и по неговото изгласување не е се‘ завршено, предупредува Жири Пехе, директор на Њујоршкиот универзитет во Прага:

„Противниците сакаат процесот што повеќе да го одолговлекуваат. Ако тоа не им успее во Парламентот, ќе се обидат Лисабонскиот договор повторно да го вратат пред Уставниот суд. Овие луѓе се во основа против ЕУ.“

А тие се надеваат на Вацлав Клаус, духовниот татко на чешкиот евроскептицизам. Тој треба да го потпише договорот. Можеби тоа и ќе го направи, но дури ако во Ирска успее повторниот референдум за Лисабонскиот договор, откако првиот во 2008 година беше неуспешен.