1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Че Гевара останува, герилата заминува

Астрид Пранге
9 октомври 2017

Од комунистички борец до капиталистички потрошувачки хит. Од револуционер до поп-икона. Пет децении по смртта на Ернесто Че Гевара неговото политичко наследство е избледено.

https://p.dw.com/p/2lUM7
Argentinien Graffiti in Buenos Aires
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Abramovich

Дури и колумбиската герилска група ФАРК се збогува од него. Откако бунтовниците во минатаа година го положија оружјето, и тие ги соблекоа униформите на кои уште беше ликот на прочуениот герилец. Пред точно 50 години, на 9 октомври 1967 година, убиен е Ернесто Че Гевара. Оние израснати во социјализмот сѐ уште учеа во училиштата за овој Аргентинец роден во 1928 година, кој стана лекар, револуционер, герилец- и икона на протестите во шеесетите и седумдесетите години од минатиот век. Од 1956 до 1959 година беше еден од водачите на кубанската револуција, заедно со својот компањеро и подоцнежен кубански претседател Фидел Кастро.

Околностите на неговата смрт во Боливија, никогаш до крај не беа расветлени. Судејќи според сѐ, тој бил само ранет и заробен во судирот со владините единици, но некакво јавно судење на личноста, која уште тогаш претставуваше симбол за бунтот против американскиот империјализам не се сметаше за пожелно. Утрото тој беше уште жив, попладнето веќе не, сведочи еден фоторепортер.

Во тоа време и многу години потоа неговиот лик беше на плакатите на студентските соби и на истокот и на западот. Но што се случува со него денес, половина век подоцна? „Како политичка личност Че е одамна мртов, но како револуционерен водач, поп-икона и пример за студентското движење од 1968 година тој уште живее“, смета Матијас Риб, дописник на весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг од Латинска Америка.

Bolivien Ernesto "Che" Guevara (1967)
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Тој е и автор на неодамна објавената биографија на Че Гевара која не се занимава само со револуционерната дејност, туку и со тоа како Че е политички доживуван во светот. „Иако се чини дека Че го има прегазено времето, всушност неговата сила како симбол на антиамериканизамот никогаш нема ослабнето“.

Опседнат со насилство

Во поделена Германија Че беше славен и од едната и од другата страна на границата: источногерманскиот социјалистички пејач Волф Бирман еднаш Че Гевара го нарече „Исус со пушка“, а книжевниот критичар Рихард Херцингер го смета за „неуморен доктринар, чие мислење и делување било водено од опсесивно величање на насилството и смртта“. 

Дури и во сегашната германска партија на Левицата мислењата се поделени: „Кај нас во канцеларијата во Карлсруе е закачен постер на Че Гевара и неодамна во движењето за социјална солидарност се поведе и расправа за неговата нетрпеливост кон хомосексуалците“, вели Михел Брант, кој неодамна со 27 години стана пратеник на Левицата во Бундестагот.

Постарите членови на партијата уште го бранеа Че, но помладите го поставија прашањето кога постерот конечно ќе биде симнат, бидејќи неговите ставови повеќе не ѝ прилегаат на партијата на Левицата. За политичарката од оваа партија Хајке Хензел (51), Че „беше и остана една од најважните рекламни фигури на Куба и тој и натаму е неопходен како симбол на солидарноста“. Таа додава дека „тука станува збор за пораката. За левичарите е извонредно важно да не се помират со експлоатацијата и империјализмот“.

Но сепак и Хензел има проблеми со начелото на вооружена борба за социјална правда и социјализам кое го спроведуваше аргентинскиот револуционер: „Има толку војни, судири и граѓански војни така што би било неодговорно да се заговара вооружена борба“. А згора на тоа, со оглед на модерната воена техника, чисто лудило е оружјето да биде средство за остварување на политики.

Некогаш Че, денес папата?

Поранешниот мексикански министер за надворешни работи, Хорхе Кастањеда уште пред 20 години започна со демонтажа на митот за Че Гевара. „Неговите идеи, неговиот живот, неговото дело, примерот кој го даде, припаѓаат кон минатото. Затоа повеќе нема да бидат актуелни“, напиша во биографијата уште во 1997 година.

Bolivien Che Guevara-Kult
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Ismar

Во тоа време речениците на Кастањеда сѐ уште беа скандал во Латинска Америка, бидејќи таму Че и натаму беше пример за критичар на неолиберализамот и економските политики какви пропишуваше Вашингтон и со кои Аргентина беше турната во банкрот. На почетокот на веков и победите на кандидатите на политичката левица и Че се врати во Јужна Америка. 

Биографот Матијас Риб смета дека во Латинска Америка продолжува дејствувањето на социјалните движења, а со тоа и делото на Че. „Но повеќе нема некој голем револуционер. Борбата против социјалните неправди во Латинска Америка е сѐ уште жива, но денес ја водат колективи и социјални движења, кои на мирен начин сакаат да дојдат до своите цели“.

Според Риб тука припаѓа и уште еден Аргентинец: папата Франциско. „Овој папа се обидува да го продолжи наследството на Че на мирен начин, а тоа во Латинска Америка во прв ред значи надминување на драстичните социјални неправди“. Германскиот новинар заклучува: „Малку претенциозно може да се каже: папата е новиот Че Гевара“.