1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Успехот треба да дојде од самата Македонија!“

Катерина Блажевска31 август 2015

Луѓето и институциите треба да го променат нивното однесување и често да носат и болни одлуки, со што се покажува политичка и институционална зрелост, вели британскиот амбасадор во Скопје.

https://p.dw.com/p/1GOIs
Фотографија: Katerina Blazevska

Има многу работи да се разговараат, да се договорат и да се направат до април 2016 година. Но, битно е да се почитува временската рамка ако Македонија сака да се врати цврсто на својот евроатлантски пат, вели во интервјуто за Дојче веле, британскиот амбасадор во Република Македонија, Чарлс Гарет. Денеска амбасадорот ќе се обрати во Собранието при одбележување на соработката меѓу македонскиот парламент и Вестминстер фондацијата за демократија, а за Дојче веле ги сподели впечатоците за текот и квалитетот на процесот кој треба да заврши со целосно спроведување на Договорот од 2 јуни.

ДВ: Господине амбасадоре, помина и месец август, а партиите потписнички на Договорот од 2 јуни/15 јули досега не постигнаа финален договор за ниту едно од прашањата кои се на масата пред работната група. Според вас, што е причината за тоа: спротивставените ставови на партиите, недостиг од политичка волја, недоволна свест за негативните импликации од пролонгирањето на кризата или некои други причини?

Чарлс Гарет: Работата продолжува, се‘ уште имаме време. Знам дека сите страни се посветени на процесот и прилично енергија се вложува во изнаоѓањето на заеднички решенија. Во таа насока сум и претпазлив оптимист. Тоа што недостига посебна најава (по одредено прашање) не мора да значи дека немало напредок. Сепак, треба да имаме предвид дека ова се комплексни и честопати чувствителни прашања. За крајниот договор ќе бидат потребни креативни решенија, флексибилност и компромис од сите страни.

Договорот од 2 јуни предвидува реализирање на повеќе обврски и сите имаат одредено значење во чекорите за излез од кризата. Но, која од точките на Договорот, според Вас, има посебна тежина и ќе биде лакмус и тест за политичката и институционална зрелост?

Не би придавал тежина на засебни прашања, Договорот од 2 јуни е една целина. Сметам дека има некои значајни примери на политичка и институционална зрелост. Самиот договор од Пржино од 15 јули е еден таков пример. За овој договор беше потребна храброст и флексибилност од сите страни. Сите овие квалитети се својствени на зрелоста која ја споменувате. Тековниот дијалог во работните групи е друг пример, иако јасно е дека вистинскиот тест ќе биде прво, самиот договор што ќе го постигнат, и второ неговото спроведување. Имплементацијата е клучниот тест. При процесот на проширувањето на ЕУ во Централна и Источна Европа на сите земји во транзиција релативно лесно им одеше носењето на закони, а пак релативно тешко им одеше нивното спроведување. Македонија не е исклучок. За спроведувањето треба луѓето и институциите да го променат нивното однесување, често и да носат болни одлуки, со што се покажува вистинска политичка и институционална зрелост. Ќе имаме добра слика на сето ова некое време идната година. Тогаш ќе можеме да погледнеме наназад на целиот период помеѓу денес и април 2016, како се спроведени изборните кампањи, како се спроведени самите избори, и како се спроведуваат промените договорени во Пржино. Со други зборови, лакмус тестот не може да биде на одреден дел, тој мора да ја оцени промената за еден подолг период.

Точката 6 од Договорот обврзува на обезбедување услови за „слободни и фер избори, како и исто ниво на игра за сите партии“. Како ќе се обезбеди тоа ниво, кога 10 месеци пред изборите на јавна сцена се создава нов клинтелизам преку сет владини мерки? Нема заштитни мерки кои ќе направат разлика меѓу слободно изрзена волја на гласачите и слободно изразена, но претходно купена волја со разни социјални мерки и привилегии? Како ќе се реши овој суштински проблем, бидејќи тој директно води кон „легализирање“ на дел од причините кои доведоа до кризата?

Не мислам дека има магично копче за вакви проблеми. Но, ова не значи дека треба да го прифатите лажниот избор меѓу работно место или слобода како да гласате. Без разлика на тоа што можеби им се кажува на луѓето, тоа што ќе заокружат гласачите на гласачкото ливче е тајно и не може да се открие за секое лице посебно. Така што, ако некому му се дава работа или привилегија за возврат за нивниот глас, нема причина зошто тие не би го прифатиле она што им е понудено, а сепак да гласаат како што сакаат. Гласачите исто така имаат сила преку јавната дебата, затоа што можат и треба да им кажат на институциите што е прифатливо за нив, а што не е. Со тоа се зајакнуваат институциите, кои ќе можат да придонесуваат кон обезбедување на исто ниво за игра кое сите го посакуваме. За да функционира демократијата, гласачите мора да бараат високи стандарди. Тие мора да бараат исто ниво за игра. Верувам дека треба да има погласна јавна дебата во Македонија за тоа каква демократија сакате. Дали сакате систем кој толерира клиентелизам каде некои гласачи може да имаат или работно место или слободен глас, но не и двете? Или сакате силна демократија која ви овозможува да имате и работно место и слободен глас?

Charles Edmund Garrett britischer Botschafter für Mazedonien
Фотографија: Katerina Blazevska

Доколку сите предвидени рокови од Договорот бидат драматично пробиени, дали е можно негово временско репрограмирање и договор за парламентарни избори во друг термин?

Рано е да се каже, и би се рекло дека се‘ уште не сме пропуштиле некој рок. Временската рамка за спроведувањето несомнено е кратка. Има многу работи да се разговараат, да се договорат и направат од сега до април 2016 година. Но, битно е да се почитува таа временска рамка ако Македонија сака да се врати цврсто на својот евроатлантски пат. Затоа ни се потребни креативни решенија, флексибилност и компромис од сите страни, како што споменав претходно.

Кандидатскиот статус за членство во ЕУ земјава го доби за време на британското претседателство со Унијата, во 2005 година. Оттогаш поминаа 10 години на „лет во место“. Елитите се правдаат исклучиво со блокадата на интеграциските процеси од страна на Грција, но сите извештаи на ЕК, како и на експертскиот тим предводен од Рајнхард Прибе, укажуваат на многу други недостатоци. Верувате ли дека неопходните реформи кои изостанале цела деценија, сега може да се поттикнат само со еден политички договор?

Извештајот на Прибе и‘ дава на Македонија уникатна можност. Тој како и итните реформски приоритети кои ги истакна Комисијата, многу јасно укажуваат кои се проблемите со владеењето на правото и судството, изборната реформа, јавната администрација, функционирањето на Парламентот, вклучително и надзорот над разузнавачките служби, слободата на изразување и медиумите. И јасно истакнуваат препораки за решавање на овие проблеми. Извештајот на Прибе е прецизен, искрен и отворен. Не можам да се сетам на ниту една земја во транзиција која добила таква корисна оценка. Одговорноста лежи кај Македонија, да го искористи извештајот на Прибе за да ја придвижи земјата кон подобро. Сите треба да ја одиграат својата улога: Владата преку целосно консултирање, предлагање и спроведување на реформите, опозицијата во преиспитување на новите законски решенија во Парламентот, политичките партии преку почитувањето на законот за време на изборната кампања, институциите како судството и разузнавачките служби кои треба да ги спроведат реформите, медиумите преку балансираното известување, и уште многу други работи. Најмногу од се‘, можеби граѓаните на Македонија имаат должност да бараат отчетност од овие политичари и институции. Не треба никогаш да заборавиме дека политичарите и сите овие институции се таму кај што се за да им служат на граѓаните. Како и во многу други земји, тие понекогаш се однесуваат како да се таму за да си служат себеси. Граѓаните може да помогнат да се исполнат препораките од Прибе со тоа што ќе бараат повисоки стандарди од сите политичари, министерства и други институции. Тоа е нивно право и нивна должност. Меѓународната заедница секако ќе продолжи да и‘ помага на Македонија во спроведувањето на промените. Но, успехот може да дојде само одвнатре, од самата Македонија.

Дел од клучните збелешки на ЕК со право се насочени кон (не)владеењето на правото. Но, дали со право може да се констатира и дека токму ЕУ им дава огромно алиби на македонските власти кои не се приврзаници на овој стандард, со тоа што не ја респектира пресуда од Судот во Хаг, со која беше утврдено кршење на Времената спогодба од страна на Грција?

НАТО има јасен став по однос на пресудата на Меѓународниот суд на правдата (МСП) и за прашањето за членство на Македонија, што беше истакнато во многу прилики во изминатите години. Покана ќе биде врачена веднаш штом се изнајде заеднички прифатливо решение за прашањето за името. Пресудата на МСП и поширокото прашање за членство не се директно поврзани со прашањето за владеење на правото во Македонија. Секако има поврзаност во другата насока. Како функционира владеењето на правото во Македонија дефинитивно е битно за прашањето на членството на Македонија. Тоа е клучен дел од усполнувањето на условите кои се потребни за евроатлантскиот напредок на Македонија. Но, битно е да се потсетиме дека исполнувањето на условите и тешките реформи кои одат со него не се потребни само за да ја отворат вратата на Македонија кон НАТО и ЕУ. Реформите се потребни за од нив да имаат придобивки граѓаните на Македонија преку создавање на средина за пофер, побогато и постабилно општество. За таа цел, за придобивките на народот на Македонија, владата и институциите треба да ги спроведат реформите.

Големиот мигрантски бран, може драматично да се одрази на имплементацијата на Договорот од 2 јуни. Поради неопходноста од ангажирање на сопствени кадровски и финансиски ресурси за справување со него, извесно е дека тој ќе го дефокусира вниманието од Договорот, а во некои ситуации може и неоправдано да биде користен како алиби за бегање од предвидените обврски. Ваквата состојба укажува на потреба и од финансиска помош, и од засилен мониторинг. Ќе ги добие ли Македонија?

Во право сте, движењето на мигрантите низ Македонија е огромен предизвик. Соодветно справување со ова прашање ќе ги стави на тест властите во која било земја. Како прекугранично прашање, за соодветно справување потребна е меѓународна соработка. Се разбира, можеме да направиме повеќе, колективно, за да се изгради таа соработка. Меѓународната заедница ќе продолжи да ја поддржува Македонија во ова. Но, истовремено додека ова постои како огромен предизвик, не верувам дека би го спречило кој било, ни владата ни опозицијата, или некој друг, од исполнувањето на обврските од договорот од Пржино.