1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црквата и реалноста

Кристоф Штрак/ А.Трајковска 5 октомври 2014

Првиот бискупски синод за време на понтификатот на папата Франциско се очекува со нетрпение кај католиците во целиот свет - теми на него се и темите брак и семејство и односот на црквата кон нив.

https://p.dw.com/p/1DQ0M
Фотографија: Getty Images

Третото вонредно генерално собрание на бискупскиот синод се одржува од 5. до 19. октомври под мотото „Духовничките предизвици за семејството во контекст на евангелизацијата“. На средбата во Рим нема да се донесуваат одлуки, туку само ќе се дебатира... Сепак: Смената на раководството во Ватикан и новата храброст, црковната сегашност да се гледа пореално и да се изрази искрено мислење, ја чинат манифестацијата интересна. Имено таа многу јасно потсетува на Вториот Ватикански Концил (1962-65), на храброста за отворен разговор, кој заслаби годините потоа.

Надежите денеска повторно се во зародиш. Иако, и можеби токму поради тоа што на вонреден синод, каков што сега се одржува, бројот на учесниците е помал и на крајот нема одлука. Претседателите на сите бискупски конференции во светот - во моментов има 114 - доаѓаат во Рим. Освен тоа, Франциско ги покани и предводниците на источните цркви и шефовите на 25 ватикански служби. Освен тоа ќе присуствуваат и други бискупи како и експерти и гости-слушатели, претежно световни лица. Вкупно на водредниот синод учествуваат 250 луѓе. И, за разлика од претходни синоди, тие не треба да го прочитаат само она што претходно писмено е подготвено, туку и спонтано и котроверзно да дискутираат. Папата, според генералниот секретар на синодот, кардинал Лоренцо Балдисери, посакува да се раздвижи размената на мислењата во синодот.

Zweites Vatikanisches Konzil 11.10.1962
Вториот Ватикански Концил (11.10.1962)Фотографија: picture-alliance/dpa

„Ќе се бараат решенија“

Токму собирот на претседателите на бискупските конференции е нешто невообичаено. Тие вообичаено не се среќаваат во вакви рамки. „Една од најделикатните теми“ во изминатите години, според германскиот кардинал Рајнхард Маркс, била „целосно учество“ во животот на црквата на католиците, кои по разводот се во втор цивилен брак и со тоа се истиснати на црковните маргини.

Во Германија е јасно „дека токму по ова прашање се бараат решенија“. Можно е исто така бискупите од другите европски земји да имаат слично мислење. Можеби од САД ќе дојде барање за свртување на погледот кон хомосексуалците, од Африка за тоа што и мажите католици имаат повеќе жени, што на некои места е дури секојдневно искуство. Околу 80 проценти од учесниците на овој синод не доаѓаат од Европа.

Papst Franziskus in Gebet 18.04.2014
Папата ФранцискоФотографија: Getty Images

Тоа што сегашните очекувања се повисоки од резултатите до кои можеби ќе дојде синодот до 19. октомври, за тоа се погрижи лично папата Франциско. Есента 2013 година тој упати молба до бискупите во целиот свет да напишат извештаи врз основа на искуствата за тоа колку е прифатено црковното учење за темата брак и семејство. Сосема невообичаено, се побара и мислењето на црковни лаици, несвештени лица (кои на оваа тема имаат повеќе конкретни искуства од свештениците). Резултатите во Германија и не можеа да бидат појасни: Народот е многу далеку од строгиот сексуален морал, кој сексуалноста ја врзува исклучиво за христијанскиот брак.

„Повеќе милосрдност“

На покана на папата во февруари годинава, во меѓувреме 81 годишниот германски кардинал на куријата, Валтер Каспер, реферираше за темата „семејство“ пред кардиналите кои беа собрани во голем број за еден т.н. конзорциум. Каспер, кој поради неговото теолошко барање за повеќе милосрдност повеќепати доби јавна пофалба од папата, остана верен на своето пледоаје, да се размисли за досегашната строгост. Оттогаш таборите станаа појасни: одредени конзервативни бискупи и кардинали во изминатите недели се изјаснија против Каспер и предупредија од промена на курсот. Некои долгогодиши набљудувачи велат: „Тие го именуваат Каспер, но мислат на папата“. Од другастрана бискупи порачуваат дека од Рим мора да пристигнат сигнали за подготвеност за промени и за промени.

Vatikan Heiligsprechung zweier Päpste Bischöfe
ВатиканФотографија: ANDREAS SOLARO/AFP/Getty Images

Овие јасни котроверзи, формирањето на табори, отворените зборови - сето тоа може да ги иритира набљудувачите. Имено, со децении во католичката црква изостанаа отворените дебати. Последниот вонреден бискупски синод, кој се одржа во 1985 година на покана на папата Јован Павле Втори, а кој според експертите е најважниот од досегашните вкупно 15 синоди, го изнедри катехизмот на католичката светска црква, големо достигнување на теолошкото учење, но дело со глобална форма, без индивидуален и регионален приод.

Сегашните советувања во секој случај ќе го покажат патот на Рим по кој ќе се движи до вториот редовен синод на истата тема есента 2015 година. На пример дали во различни региони е можно да се одат различни патишта. И во која форма лаиците, несвештените лица, треба да учествуваат во натамошните советувања.

Непобитно, ватиканскиот апарат и натаму е истиот, но ниеден папа досега од Концилот наваму немал толку немал толку сопствен, отворен теолошки стил како Франциско.