1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цирих е најскапиот град за живеење во Европа

4 декември 2010

Цирих има околу 380.000 жители. Тој претставува центар на стопанскиот, научниот и општествениот живот во земјата. Цирих е европски град кој има висок квалитет на живот и затоа е многу скап за живеење.

https://p.dw.com/p/QOpE
Низ Цирих тече реката ЛиматФотографија: Switzerland Tourism

Без разлика дали пристигате со воз или, пак, со авион, првата станица во Цирих секогаш е главната железничка станица. Таа е најстарата железничка станица во Швајцарија, била изградена пред 150 години. Ако сте љубител на стари железнички станици морате да ја погледнете главната хала. Меѓутоа, не задржувајте се предолго, затоа што има уште многу други работи да се видат во Цирих. Најефтиниот начин да го обиколите градот е, се разбира, пешачењето, но тоа можете да го сторите и со велосипед. Постојат дури седум места во близина на станицата каде можете бесплатно да изнајмите велосипед. И тоа е нашиот совет број 1.

Многу блиску до железничката станица, на улицата Банхофштрасе, ќе ги најдете сите луксузни продавници, како Луи Вутон, Хермес, Прада и Картиер. За штедливите купувачи тука е и Х&М. Сепак, нашиот совет број 2 е да не купувате на Банхофштрасе, туку појдете до Ловенштрасе. Таму ќе најдете просечни продавници со пристапни цени. А, кога ќе огладнете, едноставно купете си сендвич во локалниот супермаркет. Во оваа населба ќе видите многу повеќе жители отколку на железничката станица. Ќе видите дури и паркови и детски игралишта. Но, ако барате мирно и тивко место, ви препорачуваме да го земете предвид нашиот трет совет - појдете кон Линденхоф. Тоа е еден вид помала верзија на паркот Жардин Ду Ликсембург во Париз. Тука луѓето се шетаат и играат боки бол или пак шах.

Bahnhofstraße in Zürich Flash-Galerie
Банхофштрасе е најскапата улица во ЕвропаФотографија: AP

Прошетка низ стариот дел на градот

Нашиот следен совет е да го прошетате стариот дел на град Цирих. Таму ќе го видите најголемиот часовник на црквата Св. Петар. Тој е поголем дури и од Биг Бен во Лондон. После прошетката на стариот град ви препорачуваме да се повозите со музејскиот трамвај стар стотина години. Денес, тој вози само на последниот викенд во месецот, од главната железничка станица до државниот музеј и назад. Билетот чини помалки од три евра, а кондуктерот Дерик објаснува зошто вреди да се возите со него: „Се возиме покрај реката низ Цирих, а на патот назад поминуваме низ Банхофштрасе, најскапата улица во Европа, и потоа преку железничата станица возиме до музејот. Следната станица е Хајмхаус.”

Доколку излезете на оваа станица, ќе се најдете во Нидердорф, дел од стариот град на Цири,х каде што ќе најдете прекрасна архитектура и многу продавнички и мали кафулиња со поглед на реката Лимат. Кафе или чај ќе ве чинат повеќе отколку во други држави, но, сепак можете да си ги дозволите. Ако времето ви дозволува, посетете го и Циришкото езеро, каде меѓу другото можете да изнајмите педалинка. Сандро работи на изнајмување на педалинките и објаснува зошто возењето се исплатува: „Сигурно ќе ви биде забавно. Едноставно да се возите низ езерото и да уживате во прекрасен поглед на градот. Не морате да одите далеку, езерото се наоѓа во центарот на градот.”

Возење педалинка среде град

Zürich Hauptbahnhof Flash-Galerie
Главната железничка станицаФотографија: AP

Навистина е реткост да се вози педалинка сред град. Од едната страна го гледате Цирих со кафулињата покрај брегот, а од другата гледате планини. Доколку имате пријатели во Цирих, ќе заштедите пари за преноќување, во спротивно нашиот совет број 4 е кауч-сурфинг. Постојат мрежи на интернет што ве поврзуваат со милиони членови во светот нудат да преноќите кај нив.

Вечерта во Цирих завршува со забава. Симеон, кој живее во Цирих, раскажува за најдобриот бар во градот: “Има неверојатен бар, што постои веќе 500 години. Се вика Епфелкамер и е многу мал. Навистина оригинално. Има место за дваесет лица и се` е направено од дрво. Во кафулето не се пушта музика и се пие бело вино. Освен тоа, гостите имаат можност да се качат на покривот и да испијат чаша вино висејќи со главата надолу. Доколку тоа и вам ви успее, можете да си го врежете името во дрвото. Затоа еден цел ѕид во кафулето е полн со врежани имиња.” Ова е воедно и нашиот петти совет. Обидете се и забележете дека и вие сте биле во Цирих.

Автор: Чипонда Чимбелу / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Симе Недевски