1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цивилите во Фалуџа се самоубиваат од очај

Настасја Штраухлер / ЕМФ31 мај 2016

Ирачките сили почнаа голема офанзива за враќање на Фалуџа во свои раце. Во градот-упориште на ИД луѓето се прегладнети и живеат во страв. Бруно Гедо од УНХЦР зборува зошто дел од цивилите се одлучиле на самоубиство.

https://p.dw.com/p/1IxU9
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Rubaye

ДВ: Господине Гедо, каква е ситуацијта на луѓето во Фалуџа?

Бруно Гедо: Застрашувачка. Од една страна, градот е опколен. Луѓето ни раскажаа дека живеат во паника. Фалуџа беше бомбардирана, имаше воздушни напади и ракетен оган. Оние кои се охрабриле да избегаат се соочени со опасноста од егзекуција по итна постапка доколку бидат фатени од страна на борците на т.н. „Исламска држава“. Оние кои успеале да се пробијат низ коридорите за бегство се длабоко трауматизирани кога ќе стигнат во бегалските кампови.

Какво е снабдувањето со храна и медицинската нега во градот?

Луѓето во Фалуџа се во многу лоша психичка состојба. Од почетокот на опсадата во декември 2015 година, цените на храната експлодираа. Килограм ориз чини 85 долари (околу 76 евра), вреќа со 50 килограми брашно чини милион ирачки динари, значи околу 700 долари (629 евра). Тоа се вртоглави цени. Некои жени мелат расипани урми и од тоа прават брашно за да можат да испечат што било. Многумина бараат храна во ѓубрето. Целата ситуација доведе до тоа некои жени да извршат самоубиство од очај. Слушнав за мајка која прво ги удавила двете деца во реката Тигар, а потоа и себеси, затоа што не знаела како ќе преживее.

Bruno Geddo UNHCR-Vertreter im Irak
Бруно Гедо, претставник на УНХЦР во ИракФотографија: UNHCR

Каква е состојбата на децата во Фалуџа?

Тие се екстремно трауматизирани. Децата гледаат какви стравови преживуваат родителите. Тие доживуваат војна, бомбардирања, ракети. Според она што ми го раскажуваат луѓето, за нив е како да го доживеале пеколот.

Уште колку луѓе живеат во Фалуџа и што би можело да се случи доколку на ирачките сили навистина им успее да влезат сосема во градот?

Според нашите проценки, вчера на околу 750 семејства им успеало да побегнат. Кога почна опсадата, во Фалуџа живееја уште околу 60.000 луѓе. Мислам дека досега успеаја да избегаат околу 11.000 од нив. Значи, таму има уште 40 до 50 илјади. Ирачките власти и ирачките безбедносни сили многу разумно разговараат околу почитување на меѓународното право. Има означени патишта за бегство и се делат летоци со кои населението се предупредува дека следува офанзива за повторно освојување на градот. Кој не може да избега, треба да држи бело знаме. Знаеме за луѓе на кои им успеало да избегаат на тој начин. Но, зависно од тоа колкав ќе биде отпорот на исламистите, а знаеме дека тие како човечки штит користат цивили, сето може да заврши во огромно крвопролевање. Досега тоа се нема случено. Мој личен впечаток е дека ирачките безбедносни сили прават сѐ за да спречат такво нешто.

Бруно Гедо е претставник на Високиот комесаријат за бегалци (УНХЦР) во Ирак. Тој е стациониран во Багдад. Гедо и неговите колеги подигнаа бегалски камп на околу 30 километри оддалеченост од Фалуџа, каде секојдневно ѝ гледаат на војната в очи.