„Централната власт во Македонија е премногу скржава“
13 март 2011Марјан Ристески, градоначалникот на Прилеп и претседател на Комисијата за финансирање во составот на ЗЕЛС, вели:
„Оваа година очекуваме ново зголемување на процентот. Меѓутоа, сметаме дека тоа не е доволно за да можат општините да станат посамостојни и да бидат во состојба да решаваат колку е можно повеќе проблеми на своето подрачје.“
Енвер Пајазити, градоначалникот на селската општина Брвеница во тетовскиот регион, напоменува:
„Ние се претвораме во административна, а не во функционална општина, не сме во состојба да го задоволуваме ниту минимумот на потребите на месното население.“
Ивана Билбиловска, портпаролката на Министерството за финансии, информира што е прифатено до овој момент од барањата на македонските општини:
„Од 3,4 проценти, колку што беше издвојувањето од данокот на додадена вредност во 2010 година, во 2011-та тоа ќе се зголеми на 3,7 отсто, во 2012-та на 4, а во 2013 година на 4,5 проценти. Во насока на барањата на Заедницата на единиците на локални самоуправи се и законските измени што се во законска процедура за овозможување сите општини да се задолжуваат со рок до 10 години.“
Значи, Министерството за финансии позитивно одговори на предлогот на асоцијацијата на локалните самоуправи до Владата таа да продолжи со обезбедувањето долгорочни заеми за општините, но, со рокови за враќање зголемени од 5 на 10 години за општините, кои се „заглавени“ се‘ уште во првата фаза од децентрализацијата. Од министерството не соопштуваат засега ништо за преговорите околу зафаќањата од „персоналецот“ за општините, дали има каков било позитивен исход од тоа за локалните самоуправи во земјата.
„Владата е премногу скржава и неуспешна во решавањето на приоритетите на општините со јавните пари“
Абдулменаф Беџети, експерт за јавни финансии од Штуловиот универзитет во Тетово, е категоричен во својата сомнеж дека Владата ќе даде повеќе пари за општините од двата споменати данока:
„Управувањето со пари е власт. Тоа е и целта на власта. Генерално, секоја власт не сака да го даде тоа, ама кај нас се покажува дека ова трае предолго и оти централната власт е премногу скржава.“
Саво Ашталковски, професор по финансирање на локалната самоуправа од ФОН Универзитетот во Скопје, смета:
„Дел од тие пари, кои ги бараат општините, се веќе планирани за други намени по секторите на јавна управа. Во една ситуација во која се наоѓа централниот буџет сега е многу тешко да се очекува некое позначајно прелевање на дел од парите од централниот кон локалните буџети според оваа основа. Но, со тек на време, очекувам зголемување на овие ставки.“
Професорот Беџети дополнува: „Централната власт се покажа како неуспешна во управување со јавните пари во правец на преференциите и приоритетите на локалните самоуправи.“
На наредната страница:
„Општините треба и самите да се погрижат за својата финансиска самостојност“
Како да се постигне помала зависност и поголема самостојност на општините? Ашталковски одговара:
„Долгорочно тие не можат да ја бараат финансиската самостојност само од централната власт. Значи, треба да посегнат по оние пазарни извори што им стојат на располагање, а, пред се‘, задолжување кај банките и емисии на општински обврзници на финансиските пазари.“
Во ваков контекст е и ставот на градоначалникот на Брвеница Пајазити:
„Покрај овие постојниве, ние мораме да изнајдеме и други извори на пари. Имаме и сопствени извори на финансирање: од купопродажни договори, од данок на имот, а од 1. јули годинава и од приливите врз основа на управувањето со градежното земјиште, што ќе им припадне на општините како надлежност. Но, сево ова не е доволно, особено не за селските општини.“
Автор: Свето Тоевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска