1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Христијаните - најпрогонувано малцинство во светот?

З. Јордановски/кна7 јануари 2016

Христијанството е религија со најмногу припадници, но истовремено и најпрогонувано малцинство во многу делови на светот. Многу христијани денеска нема да можат да го прослават својот голем верски празник, Божик.

https://p.dw.com/p/1HZY1
Фотографија: DW/K. Sheikho

Христијаните се денес изложени на полош прогон отколку во Стариот Рим, напиша папата Франциско во предговорот на едно ново издание на библијата за млади. Евангелистичката хуманитарна организација Опен дорс оценува дека 100 милиони од вкупно 2,3 милијарди христијани се прогонувани. Но, двете големи христијански Цркви во Германија таа бројка ја сметаат за претерана и тешко докажлива. Сепак, ни тие во нивниот „Екуменски извештај за религиозната слобода на христијаните во светот“, ниту американското министерство за надворешни работи во неговиот годишен извештај за религиозните слободи, не наведуваат некоја пониска, поиздржана бројка. Често се користи формулацијата дека христијаните се не само најголемата, туку и според бројките најугнетуваната религиозна група во светот, а зад неа се муслиманите.

Според наводите на американскиот истражувачки институт Пју рисрч, речиси три четвртини од светското население живеат во земји со религиозна репресија, наспроти 50 проценти во 2011. година. Во пет од седумте земји со најмногубројно население, во кои живеат вкупно 3,3 милијарди луѓе (од 7,3 милијарди колку што има жители во светот), христијаните се на еден или друг начин прогонувани поради нивната вера: во Кина, Индија, Индонезија, Пакистан и Нигерија.

Далеку најголем дел од земјите во кои има масивен прогон на христијаните се со муслиманско мнозинско население. Потоа доаѓаат некои комунистички или наводно комунистички и слични диктатури во Азија, како и конфликтните држави во Африка, чиј број е значително покачен и каде, згора на тоа, во silen подем е исламистичкиот терор.

Далеку најважен мотив за прогон на христијаните, пак, е исламскиот екстремизам, изразен како фундаментализам или во форма на насилство и тероризам (Исламска држава, Ал Каида, талибанци, Ал Шабаб, Боко Харам). Втора главна причина за прогонот се различни форми на деспотизам (Северна Кореја, Виетнам, Кина).

Извонредно тешко е да се дефинира прогонот и да се димензионира бројката на прогонетите, оти тој се врши на различни начини, а и различно се доживува. Најупадливо е насилството: егзекуции, убиства, осакатување, киднапирање, поробување. Други, исто така ефикасни форми, се притисок од властите или социјален притисок, изолирање во сите сфери на животот, нееднаквост пред законот, закани, политичко или професионално запоставување, дискриминација во образованието, ограничување на религиозната и културна слобода. Натамошна државна практика е неказнивост за злодела врз христијани - спонтан или организиран мобинг (во Индија), или злосторства од бароните на дрогата во земји на Латинска Америка, каде ангажираните христијани им се морална пречка.

Прогонот на христијаните најлесно се изведува во земји со крајно слаби (Сомалија, Авганистан, Ирак) или извонредно изразени државни структури (Северна Кореја, Саудиска Арабија).

Во статистиките не е опфатен посредниот прогон на христијаните, оти е тешко мерлив фактор. Тука на чело веројатно стои Саудиска Арабија, која со милијарди долари финансира изградба на џамии со упадливо симболично значење, со што ја труе интеррелигиозната клима во умерено муслимански земји како Косово.

А од каде доаѓа оружјето за Исламската држава? Консеквентно заклучено, и германските, француските, американските и други извозници на оружје стануваат посредни прогонители на христијаните.