1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска: Демократијата доведена до апсурд

Синиша Богданиќ / Е.М. Фиданоска24 декември 2015

По мачни преговори во кои беа давани и кршени многу ветувања, ХДЗ и Мост се согласија нов мандатар да биде Тихомир Орешковиќ. Аналитичарите оценуваат дека ситуацијата во Хрватска е „хаотична“ и „кошмарна“.

https://p.dw.com/p/1HSfy
Божо Петров, Тихомир Орешковиќ и Томислав КарамаркоФотографија: Reuters/A, Bronic

Мандатар на новата хрватска влада ќе биде Тихомир Орешковиќ, менаџер и финансиски стручњак, кој кариерата ја изгради во фармацевтската индустрија. До договор дојде експресно, само еден ден откако Мост ги раскина преговорите со коалицијата на СДП, не нудејќи докази за обвинувањата за поткопување на Мост и за врбување на негови претставници. Во изминатите шест недели Мост ги менуваше сојузниците и барањата, се откажуваше од трипартитна влада, а околу него се плетеа бројни теории на кои „паднаа“ многу политички аналитичари. Тоа е ситуација која многумина ја нарекуваат хаос на постизборната сцена и во која е тешко да се добројат погазените ветувања и принципи. Незадоволството на граѓаните е речиси опипливо и може да се сублимира во една порака - „Можевте да нѐ поштедите и веднаш по изборите да кажете со кого ќе коалицирате.“

„Избирачите на Мост кои ги познавам велат дека се изненадени и многу разочарани. Тие се запрепастени од преправањето на шефот на Мост, Божо Петров, затоа што тие гласаа за нова надеж, за политичари кои би биле поинакви од оние кои во последните 25 години разочараа во многу наврати. Од Мост не очекуваа лаги“, вели Јадранка Косор, поранешна шефица на ХДЗ и екс премиерка. Таа во разговор за ДВ тврди дека избирачите презираат лаги кај политичарите, а во Мост ветувањата се прекршени. „Недоследноста на Божо Петров му се припишуваше на неискуството, неснаоѓањето, но сега е видливо дека тоа е смислена тактика. Многумина беа привлечени од најавата дека нема да оди ни лево ни десно, и дека ќе даде оставка ако Мост тргне со која било опција поединечно. Тоа беше перфидна лага.“

Експлозивна ситуација

Кога станува збор за незадоволните избирачи, политичкиот аналитичар Давор Гјенеро не смета дека тие имаат голем протестен потенцијал, иако по пат на социјалните мрежи се веќе најавени собири на 28 декември. „Нивните избирачи не се меѓусебно цврсто поврзани. Еден дел од нив секогаш се врзуваше за Фејсбук-протести, многу се гласни на мрежите, а многу скромно излегуваат на улица.“

Kroatien Wahl
Во изминатите шест недели Мост ги менуваше сојузниците и барањата, се откажуваше од трипартитна влада, а околу него се плетеа бројни теории на кои „паднаа“ многу политички аналитичари - Божо ПетровФотографија: Getty Images/AFP

Со тоа е согласна и новинарката на Тпортал, Хелена Пуљиз, која додава дека не се разочарани само избирачите на Мост. Целите преговори околу составувањето мнозинство во Саборот, со промена на партнерот на дневна основа, таа го нарекува убиство на демократијата и октроирање на власта. „Ова е експлозивна ситуација. Хрватска е поделена на два пола, едни се за СДП, а други за ХДЗ, но тоа не значи дека нужно и ги поддржуваат тие две партии. Со тргнување на Мост со која било од тие две партии ситуацијата станува запалива.Особено кога ќе ги видиме пораките од ХДЗ за враќање на достоинството на црквата, за темелите на државата... Мислам дека нѐ очекуваат тешки времиња“, вели Пуљиз. Иако го критикува Мост, таа оценува дека голем дел од вината треба да им се припише на шефовите на двете најголеми парти, Томислав Карамарко и Зоран Милановиќ.

Според аналитичарот Гјенеро, Мост се нашол во позиција на пивот-партија, без искуство, без партиска структура и дисциплина. „За нив оваа ситуација, во која мора да се одлучат за една или друга страна, е прилично незгодна.“ Гјенеро смета дека прво во рамки на партијата била дефинирана стратегија, според која коалиција со СДП е порационална, затоа што избирачите на Мост се поблиски до ХДЗ, па помала е веројатноста дека СДП ќе им го „изеде“ избирачкто тело. „Се случи друго. СДП цело време се обидуваше да ги изеде пратениците на Мост и голтна четворица. Очигледно до последен момент беше во лов.“ Според Гјенеро, по коалиција со Милановиќ, Петров по неколку месеци би го загубил премиерското место, а СДП долгорочно би воспоставила контрола врз владата. Од друга страна, нагласува тој, ХДЗ нема алтернатива, туку мора да опстои на соработка со целиот Мост.