1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се продлабочува судирот меѓу Македонија и Грција

Борис Георгиевски12 април 2016

Спласнаа тензиите меѓу мигрантите и бегалците во Идомени, но судирот меѓу Македонија и Грција околу справувањето со кризата се продлабочува, откако Атина и Скопје разменија навреди и обвинувања.

https://p.dw.com/p/1ITeR
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Два дена откако македонските безбедносни сили спречија стотици мигранти и бегалци насилно да ја преминат границата кај Идомени, растат тензиите меѓу балканските соседи кои веќе две децении спорат околу името „Македонија“. За разлика од грчките економски и политички проблеми кои се добро документирани, она што повеќе ги загрижува аналитичарите се политичките превирања во Македонија.

И Скопје и Атина, во меѓувреме, се обидуваат да ја искористат бегалската криза за пренасочување на вниманието од сопствените проблеми и недостатоци, вели Дане Талески, соработник на Центарот за југоисточноeвропски студии при Универзитетот во Грац, Австрија.

„Грција е во постојани социоeкономски превирања со неизвесна политичка стабилност, а Македонија е во долготрајна длабока политичка и институционална криза“, вели Талески за ДВ. „Бегалската криза им овозможува да се обвинуваат меѓусебно и да ги користат бегалците како жртвени јагниња“.

Polen EU Diskussion zur Transformation in Warschau Dane Taleski aus Mazedonien
Македонија и Грција немаат ниту политичка волја да се справат со хуманитарната криза, вели Дане ТалескиФотографија: European Union

Кој ја „посрамоти“ Европа?

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во понеделникот ја обвини Македонија дека ја „посрамила“ Европа поради тоа што користела солзавец и гумени куршуми против мигрантите. Македонските власти одговорија со контраобвинување дека Грција не сторила ништо за да ги спречи бегалците во намерата илегално и насилно да ја преминат границата.

„Воспоставувањето на ред и правен поредок во и околу граничната зона и околу мигрантските центри е клучно за превенција од вакви инциденти во иднина“, соопшти македонското МНР. Македонскиот претседател Ѓорге Иванов ја повика ЕУ да ѝ помогне на Грција да го расчисти провизорниот бегалски камп во Идомени.

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос отиде и чекор понатаму, порачувајќи ѝ на соседната земја дека „со такво однесување кон бегалците нема место во ЕУ и НАТО“. Грција го блокира влезот на Македонија во НАТО од 2008 година, а од 2009 стави вето и на почетокот на преговори со ЕУ.

Mazedonien Grenze Idomeni Flüchtlinge Polizei
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Талески вели дека долготрајниот спор за името дополнително ја влошува состојбата. „Дури и нештата да беа нормални, обете земји имаат слаби капацитети за згрижување и помош на бегалците. Но со зовриените домашни проблеми и постојаниот меѓусебен анимозитет, тие немаат ниту политичка волја да се справат со хуманитарната криза“, вели Талески.

Хаос во македонската полиција

Состојбата дополнително ја компликува политичката криза во Македонија и растечките превирања во Министерството за внатрешни работи. Откако минатата недела Владата одлучи да ги поништи сите акти на техничкиот министер Оливер Спасовски, полициски функционери за порталот „Призма“ велат дека во МВР се соочуваат со хаотична ситуација. МВР се соочува со дуализам во клучните сектори.

„Хиерархијата во македонската полиција е нарушена. Одлуката на владата, која е противуставна, отвора можност за нарушување на системот за безбедност. Тоа ќе има одраз и врз ефикасноста врз спречувањето на нелегалните преминувања, а може да има влијание и врз целокупните случувања во државата“, вели поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов за ДВ.

Pavle Trajanov
Павле Трајанов вели дека хиерархијата во македонската полиција е нарушенаФотографија: DW

Хорор сценарио

Според Талески, хаотичната состојба во Македонија и тензиите на границата целосно ја дискредитираат идејата за „тврдината Европа“ како одговор на бегалската криза.

„Ова е хорор сценарио да имате две, меѓу најслабите, држави во Европа да играат клучна улога во менаџирањето на бегалската криза. Тоа е политички неодговорно и неодржливо политички. Доколку македонско-грчката граница е ‘првата линија на одбрана', како што некои посакуваат, судирите на границата ќе станат секојдневие“.

Наместо да се фокусира на изградба на огради, додава Талески, „ЕУ мора да посвети повеќе внимание на социоекономската стабилност на Грција, враќање на демократијата во Македонија и да воспостави поблиска политичка и безбедносна соработка меѓу двете земји“.