1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хипокризијата на муслиманите околу Рохингите

Шамил Шамс
12 септември 2017

Исламските групи кои протестираат против прогонот на Рохингите во Мјанмар срамно молчат околу прогонот на малцинствата во нивните земји. Не треба да се дозволи исламизација на конфликтот, смета Шамил Шамс.

https://p.dw.com/p/2jlRB
Krise Myanmar - Proteste in Peshawar - Pakistan
Фотографија: picture alliance/AP Photo/M. Sajjad

Од Турција до Пакистан, речиси сите мнозински муслимански земји ги осудија убиствата на малцинските Рохинги во Мјанмар. Организацијата за исламска соработка се подготвува да издаде заедничко соопштение против владата во Мјанмар. Истовремено, исламски групи во Индонезија и Пакистан одржуваат масовни протести против будистите во Мјанмар, нејзината влада и де-факто лидерот, нобеловката Аунг Сан Су Ќи. Повиците до Нобеловиот комитет да ѝ ја одземе нобеловата награда на Су Ќи стануваат сѐ погласни.

Она што се случува во Мјанмар е навистина за осуда. Но, она што е еднакво за осуда е и реакцијата на муслиманските земји на маките на Рохингите.

Верски прогон

Досието на мнозински муслиманските земји околу нивниот третман на религиозните и секташките малцинства е очајно. Во неделата, на 10 септември, тројца Хазара-шиити беа убиени во Пакистан. Малцинската група е цел на систематски напади на исламистите со години, а владата никогаш не одговори на нивните апели за помош.

Дискриминацијата против индусите, христијаните и ахмадите на државно ниво постои со години. Законите за бласфемија во Пакистан ги принудија верските малцинства да живеат во постојан страв за своите животи. Христијанските соседства за палат од мнозинските муслимани, а членовите на хинду заедницата се соочуваат со линч доколку „го навредуваат“ исламот или пророкот Мухамед.

Shams Shamil Kommentarbild App
Шамил Шамс

Верскиот прогон е во пораст и во други муслимански земји. Растот на политичкиот ислам во Индонезија и Малезија е закана за културната плуралност во тие земји. Иронично е што е радикалните исламски групи во Индонезија, Малезија и Пакистан протестираат против дискриминацијата на Рохингите во Мјанмар.

Нема оправдување

Тоа секако не го оправдува фактот дека Рохингите остануваат една од најпрогонуваните заедници во светот. Оваа група живее во Мјанмар со децении, но владата одбива да им даде државјанство. Соседен Бангладеш, инаку муслиманска држава, исто така одбива да ги прифати. Тоа е огромна и неопислива човечка трагедија. Но, оние што и даваат верска боја на трагедијата само и прават дополнителна штета на состојбата на ова малцинство.

Осудата од муслиманите за масакрите врз Рохингите е субјективна и пристрасна. Таа е празна бидејќи го сведува човечкото страдање претворајќи го во верски проблем. Конфликтот во Ракине никогаш не бил за исламот против будизмот. Се работи за економско и политичко прашање кое го оптоварува регионот со децении. Во меѓувреме, во конфликтот се вмеша и џихадистичкиот елемент, и Рохингите веќе ја плаќаат цената за воената трансформација на нивното човечко страдање.