1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаусмајсторот Бернд Јармеркер од Гетинген

5 јули 2010

Бернд Јармеркер зад себе има возбудливи времиња. 53-годишникот денес е хаусмајстор во училиште во Гетинген. Себе си се гледа како типичен Германец, а типично германски за него значи: „Засукај ракави и работи!“

https://p.dw.com/p/O5XF

Рано наутро, во 6.30 часот во Гетинген е се‘ уште мирно. Улиците на универзитетскиот град, на југот на покраината Долна Саксонија, се празни. Низ прозорците на куќите не пробива светлина. Во гимназијата Хајнберг, пак, друга слика - над надворешната врата свети светло, бидејќи овде денот е веќе почнат. Бернд Јармеркер оди по долгите ходници и нагоре-надолу по скалите. Една од неговите први должности во денот е да ги отвори сите училници. Кога околу 07:20 часот пристигнуваат првите ученици, хаусмајсторот седи во својата канцеларија и пие кафе.

BeJaA6
Хаусмајсторот најдобро се разбира во техниката: тој по струка е електромеханичарФотографија: Shabnam Nourian

Војникот станува електромеханичар, а потоа хаусмајстор

Потоа го проверува парното во подрумот. За тоа не мора ни да станува: парното се регулира преку компјутер. Хаусмајсторот најдобро се разбира во техниката: тој по струка е електромеханичар. Неговиот работен век почнал како професионален војник. „На 17 години доброволно се пријавив и сакав долгорочно да работам за германската армија“, се присетува 53-годишникот. Но, љубовта кон една девојка од Гетинген му ги побркала плановите.

BeJaA1
За да отвори 300 врати во гимназијата, на Јармеркер му е потребен половина часФотографија: Shabnam Nourian

Таа била сестра на еден негов познаник и била модел. Се запознале и се вљубиле. За Берн Јармеркер работата станала сериозна. Особено кога по четиригодишна врска му поставила ултиматум: требало да се реши меѓу армијата и неа. Одлуката на Јармеркер: „Тогаш дадов отказ и се преселив кај неа во Гетинген.“

Врската со девојката се прекинала. Сепак, Јармеркер останал да живее во универзитетскиот град. Гетинген станал негов нов дом. Јармеркер денес живее сам во еден стан од 50 метри квадратни. 53-годишникот нема сопствени деца.

Во училиштето затоа секојдневно има по 1100 ученици околу него и има полни раце работа. Додека зборува со раководителот на училиштето дека му треба нов алат, го прекинуваат: во женскиот тоалет водата во мијалникот не протекува. На патот кон тоалетите Бернд Јармеркер среќава еден електричар. Тој инсталира нови штекери на вториот кат и му треба скала. Освен тоа, пред вратата стои погрешно адресирана пратка.

BeJaP1
Бернд Јармеркер за себе вели дека е среќенФотографија: Shabnam Nourian

Една незгода направи пресврт во животот

Бернд Јармеркер ја има под контрола гимназијата Хајнберг веќе дванаесет години. Претходно работел како електромеханичар и монтирал технички уреди ширум Европа. Но, на возраст од 40 години дошло до пресврт во неговиот живот, предизвикан од една незгода при еден фудбалски натпревар.

По еден силен судир останал да лежи на тревата: од неговата уста течела крв, три ребра биле скршени, а нивните врвови навлезени во белите дробови. Се борел со смртта. Со месеци лежел во болница.

Потоа, цврсто решил дека уште еднаш сака да почне од почеток. Јармеркер сакал повеќе да работи со луѓе и станал училишен хаусмајстор, одбран од 170 кандидати.

Денес за себе вели дека е среќен. Неговото животно мото гласи: „Уживај во денот“. За себе, пак, вели дека малку се смее.

Автор: Нуријан Шабнам / Виолета Вај

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска