1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Харви ќе се врати со нови дождови

ЕМФ /агенции
29 август 2017

Поплави какви што досега не се видени: САД се борат со последиците од ураганот Харви. Еден од најпогодените градови е Хјустон.

https://p.dw.com/p/2j0IX
USA Tropensturm Harvey in Texas
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. J. Phillip

Сцени какви што инаку можат да се видат само на филм. Чамците се преполни со луѓе кои бегаат од поплавите. Улиците во Хјустон наликуваат на море.

Градоначалникот на Хјустон, Силвестер Тарнер, соопшти дека досега се спасени 3.052 лица.

Ханика Барнет видливо возбудена вели: „Само што нѐ спасија, па првпат гледаме колку вода има. Ова е лудило, само тоа можам да кажам.“

„Неверојатно, едноставно неверојатно. Не можам да верувам. Никогаш не сме искусиле вакво нешто“, додава Никол Калхун.

Националниот центар за урагани (НХЦ) оцени дека станува збор за „поплави какви што досега не се видени“. Ураганот Харви, според НХЦ, повторно ќе добие на сила. Бурата се движи во насока на морето, но на средината од неделава најверојатно повторно ќе се врати и со себе ќе донесе уште дождови. Шефот на американската метеоролошка служба, Луис Учелини, оцени дека е многу тешко да се предвиди „натамошниот развој на ситуацијата со бурата“.

„Ова е невидено“

Во Тексас денеска се очекува американскиот претседател Доналд Трамп со сопругата Меланија. Тој изјави дека со својата посета не сака да ги попречува спасувачките работи. Затоа претседателот нема да пристигне во регионите кои се најтешко погодени од катастрофата.

Харви во петокот ја погоди американската сојузна држава Тексас како ураган од четврта категорија. Подоцна поради намалената сила е категоризиран како бура, но и натаму со себе носи огромни дождови. Досега во невремето животот го загубија шест лица.