1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Харадинај: „На Белград секогаш ќе му бидам виновен“

Бахри Цани
23 јануари 2017

„Потерницата по мене е уште една игра на Белград, каде очигледно оживеа духот на Милошевиќ“, вели Рамуш Харадинај во ексклузивно интервју за Дојче веле. Тој смета дека нема да заврши ни во Белград, ни во Хаг.

https://p.dw.com/p/2WGAM
Kosovo Ramush Haradinaj ehemaliger Premierminister
Фотографија: DW/B. Cani

Дојче веле: Господине Харадинај, на 4. јануари бевте уапсен во Базел од страна на француските власти. Зошто токму сега, кога Вие и порано бевте во Фанција? 

Рамуш Харадинај: Јас сум уапсен по налог на поранешна Србија и Црна Гора од 2004. година. Не можам точно да дефинирам зошто токму сега, но знам дека многу почитувани земји како Германија, Австрија, Швајцарија и други го стопираа ова барање од Србија, бидејќи јас по сите тие обвинувања завршив во Хаг, каде двапати одговарав. Овие обвинувања паднаа, затоа сум многу изненаден од влезот на Франција во овој законски циркус. Франција не се однесува законски и праведно, бидејќи ова е политичко обвинување. Ме изненадува ваквото однесување на Франција, бидејќи во државата треба да е познато паѓањето во вода на сите сомневања и обвинувања во текот на судењето во Хаг. Ова апсење е неправедно и претставува злоупотреба на законот.

ДВ: Српските власти велат дека имаат нови докази против Вас, кои не се разгледувани во Хаг. Дали добивте обвинение и дали сте запознат со содржината?

Рамуш Харадинај: Тоа е само игра на зборови, зашто материјата е целосно сува и празна. Тоа се само инсинуации од времето на режимот на Милошевиќ, започнати уште во 2004. година. Тие инсинуации воопшто не беа земени во предвид од страна на Хашкиот трибунал, кој ги отфрли како целосно неосновани. Јас последен пат во 2011. година го добив дополнетото обвинение со сите обвинувања против мене. Сѐ е разгледано и претресено, јас сум ослободен од тие обвинувања. Но, станува збор само за политичка игра на Србија, во која за жал е вклучена и Франција.

ДВ: Да, но српската страна тврди дека има нови неразгледани докази. Дали го добивте најновото обвинение според кое се бара Ваше израчување? 

Рамуш Харадинај: Сето тоа го гледам како уште една игра на Белград, каде очигледно оживеа духот на Милошевиќ. Дачиќ беше помошник на Милошевиќ, додека Вучиќ и Шешељ беа слуги на Шешељ. Гледам дека таму во целост е вратен духот на Милошевиќ, потврда се и изјавите на тамошните политичари, зашто наместо органите за правосудство, оттаму зборуваат политичарите. Замислете што би било ако јас веќе не одговарав за овие наводни злосторства, но тоа е секако само политичка игра. 

ДВ: Што мислите за барањата за израчување во Србија?

Рамуш Харадинај: Не,нема да бидам израчен. Србија треба да сфати дека нема никаква правна надлежност над Косово и косовските граѓани. Јас сум од Косово и Србија таму нема никаква правна моќ. За тамошната јурисдикција е одговорно Косово. Јас го почитував меѓународното право и кога бев обвинет, доброволно отидов во Хаг. Ова што сега го прави Србија, претставува навреда и за Интерпол и останатите меѓународни организации.

ДВ: Господине Харадинај, за Вашата вмешаност во злосторства зборуваше и сегашниот косовски премиер, кој во тој контекст го спомена и Радоњичко Езеро. Значи, не е само српската страна.

Рамуш Харадинај: Не знам дали за Белград било кога ќе бидам невин, но тоа не е мојата цел. Јас сум виновен според Белград, зашто дадов придонес за одделувањето на Косово од Србија и за заминувањето на српските трупи од Косово. Што се однесува на политичките противници, нека остане на нивна чест. Но, едно е факт: највисоката правна инстанца за бивша Југославија, судот во Хаг, ги разгледа сите обвинувања, ги испита сведоците и констатира моја невиност. Самиот обвинител Серж Брамерц во Белград јавно изјави дека во Хаг дојдоа сите предвидени сведоци, дека немаше никакви пречки во процесот и дека не е докажана моја вина. Значи, тоа не го изјави мојот адвокат, судијата или некоја неутрална институција, туку обвинителот, кој беше против мене. Но, тоа за Белград очигледно не е доволно. Ако е така, мојот одговор е: тука сум и секогаш ќе имате работа со мене. Јас во Хаг загубив осум години од животот во притвор во текот на два процеса и двапати бев прогласен за невин.

ДВ: Порано имаше 157 потерници од страна на Србија за лица од Косово. Останаа само 22, една од нив отпаѓа на Вас. Како го објаснувате тоа, без оглед што двапати бевте прогласен за невин?

Рамуш Харадинај: Гледајте, мој принцип е да не прифаќам спогодби. Сакам право и правда. Ќе ја употребам реченицата која своевремено ја изговори претседателот Ругова: можете да ми ја земете главата, но не и убедувањата. Јас сум Албанец и нема да се покорам никому или нема со никого да се спогодувам. Ќе ги почитувам нашите партнери, својата земја и демократијата, но никогаш нема да му се покорам на непријателот, во случајов на Србија.

ДВ: Српската страна тврди дека во Вашиот случај се исчезнати или убиени 30 сведоци, дека имало Ваши злосторства, но дека не се докажани во Хаг.

Рамуш Харадинај: Ве молам, јас ваквата изјава на српската страна ја сметам за навреда. Страната која изврши најголеми злосторства во Босна, Хрватска и на Косово има голем проблем со кредибилитетот. Србија денес ја раководат луѓето на Милошевиќ и Шешељ, па нивниот кредибилитет е многу дискутабилен. Самиот обвинител од Хаг во Белград изјави дека против Харадинај немаше никакви докази за осуда и дека сите предвидени сведоци беа изведени пред судот. Тоа го кажа Серж Брамерц во Белград.

ДВ: Дали може да се случи да не бидете израчени во Белград, туку во Хаг, во Специјалниот суд за злосторства на ОВК?

Рамуш Харадинај: Знаете, поголем и поспецијален суд за злосторства од Хашкиот никогаш немаше. Значи, ние имавме еден специјален суд. Зошто ни е сега потребен нов? Мислам дека тоа има врска со недовербата во косовските институции и недоволниот кредибилитет на нашите институции. Меѓутоа, Србија очигледно ја боли тоа што јас нема да бидам на списокот на оние кои можат да бидат обвинети од страна на овој суд, бидејќи веќе бев ослободен од сите обвинувања, затоа сега се обидува на разни начини да ме дискредитира. Србија треба да сфати дека на ваков начин му штети на својот народ, зашто очигледно е оти народите од Босна и од Косово платија највисока цена за српските злосторства, но своја цена плати и српскиот народ.

ДВ: Не ми одговоривте на прашањето: дали е можно да бидете израчен во Хаг?

Рамуш Харадинај: Не, не е можно. Такво нешто нема да се случи, моето задржување овде може да има врска со свеста во Србија дека нема да бидам предмет на Специјалниот суд, па сакаат да ме напаѓаат и дискредитираат.