1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан замина со партиски ветувања дека избори ќе има

14 октомври 2016

Еврокомесарот нема да прави притисок законските измени за СЈО да бидат усвоени до распуштањето на парламентот, но очекува тоа непречено да работи и сите партии да му дадат поддршка.

https://p.dw.com/p/2RErB
Ukraine Johannes Hahn
Фотографија: picture alliance/dpa/NurPhoto/Str

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, попладнево замина од Скопје со ветување од четирите партии - потписнички на Договорот од Пржино дека ќе го почитуваат договорот за одржување фер избори на 11-ти декември и дека ќе биде овозможена непречена работа на СЈО. Според извори на Дојче веле, Хан нема да прави притисок законските измени за СЈО да бидат усвоени до распуштањето на парламентот, но очекува тоа непречено да работи и сите партии да му дадат поддршка. Таквиот став комесарот го изрази и на денешната кратка прес -конференција, без можност да одговори на повеќе прашања, поради брзање да не го пропушти летот за Брисел.

„Изборите се важни за надминување на политичката криза, но исто толку важно е и спроведувањето на итните реформски приоритети. Изборите се само прв чекор и тие треба да се спроведат на начин на кој потоа никој нема да го критикува. Имавме дискусии и за работата на СЈО. Ги потсетивме сите соговорници да бидат внимателни, за да може тоа да работи како што работат обвинителствата секаде во Европа“, рече Хан. 

Тој нагласи дека по две години политичка нестабилност, која има ефекти врз економските резултати, важно е сите да се фокусираат на потребите на граѓаните. „Треба да се следат европските перспективи, да се работи на реформите за да се стабилизира земјата, економијата... Сакаме мапа на активности со конкретни рокови, за да се избегнат какви било оправдувања заради неимплементирање на реформите. Добро е да се слушне дека има напредок во однос на Избирачкиот список, известувањето на медиумите, мониторингот... Зборував со политичките лидери. Атмосферата е многу различна од претходно, поконструктивна. Важно е да не се провоцираат ни најмали причини за критикување на изборите, и да не се провоцираат меѓуетнички тензии“, рече Хан.   

Сите задоволни

Еврокомесарот денеска имаше густа агенда. Тој за едно претпладне се сретна со претставници на граѓанскиот сектор, со специјалната обвинителка Катица Јанева, со техничкиот премиер Емил Димитриев и со лидерите на четирите партии - потписнички на пржинскиот договор.

На средбата на Хан и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, како што соопшти партијата, биле разменети мислења за повеќе сфери, вклучително за актуелните политички случувања, изборите и мигрантската криза.

„Соговорниците констатираа дека се исполнети условите за одржување на предвремените парламентарни избори на 11- ти декември. Груевски посочи дека изборите се едиствениот начин за излез од политичката криза, а за веродостојноста на целокупниот процес и градењето на доверба потребен е ангажманот и придонесот на сите политички субјекти. Груевски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ принципиелно се придржува и го дава својот придонес во исполнување на политичкиот договор постигнат меѓу партиите“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. 

Johannes Hahn in Skopje
Фотографија: MIA

Хан на средбата со лидерот на на СДСМ, Зоран Заев, заменик- претседателката Радмила Шекеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски, заеднички се согласиле дека е неопходно сите партии и институции, вклучувајки го и Собранието, да ја испочитуваат обврската за слободни фер избори на 11-ти декември, соопшти и опозициската партија.

„На средбата се разговараше за актуелната политичка ситуација во Македонија при што е нагласена потребата од реализација на сите договорени услови за организирање и спроведување на договорените предвремени парламентарни избори, овозможување на функционирање на правдата, како и на важните реформски процеси за демократизација на Македонија. Претседателот Заев објасни дека СДСМ со одлука на највисокото партиско тело, Конгресот, се обврза на планови со конкретни рокови за кревање на животниот стандард на граѓаните, како и за реализација на препораките во Извештајот на Прибе, што ќе овозможат независни институции и правна држава“, соопшти СДСМ, потенцирајќи дека на средбата Заев ја реафирмирал поддршката на СДСМ за законите побарани од СЈО.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска исто така изрази задоволство од разговорите со еврокомесарот.

„Имавме многу добра средба со Хан и заеднички став е дека веќе постигнатиот договор треба да се почитува од сите. Тоа е клучно за да се одржат фер и демократски избори“, изјави Ахмети.

И лидерот на ДПА, Мендух Тачи во разговор со комесарот се согласил оти има услови за фер и демократски избори.

„Доколку сепак на денот на изборите има каква било малверзација од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ, ние нема да ги прифатиме тие избори и во истиот момент ќе ги бојкотираме“, рече Тачи по средбата.

СЈО и натаму останува без бараните законски измени, односно само со декларативни ветувања дека партиите ќе ја поддржат неговата работа.