1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан за ДВ: Заедничкиот пазар на Балканот - прилог кон мирот

17 март 2017

Берлинскиот процес не е ништо друго освен копирање на основачката идеја на ЕУ, преку интензивна соработка да се спречи апетитот за меѓусебни жестоки кавги на Балканот.

https://p.dw.com/p/2ZOGz
EU-Kommissar Johannes Hahn
Фотографија: picture alliance/dpa/Sputnik/G. Sisoev

Европската Унија вчера од Сараево им порача на балканските лидери да „престанат да си играат со оган“ и наместо да занимаваат со кавги, да се обидат да ја искористат шансата која им се нуди поради зголемената загриженоста за регионот. Пораката ја испрати комесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, кој повика и на формирање на заеднички пазар на шесте земји од Западен Балкан. Тоа, според него, на кус и среден рок може да придонесе за формирање на 80 илјади работни места. Во интервју за Дојче Веле, Хан говори за приоритетите на ЕУ во земјите од регионот, но и признава дека Балканот останува нестабилен регион. 

Дојче веле: Актуелната ситуација во Западен Балкан нуди повод за загриженост. Процесите на демократизација се блокирани, економскиот развој бавно напредува. ЕУ се труди да ги приближи кон себе овие земји преку т.н. Берлински процес. На средбата на премиерите од шест земји од регионот вчера во Сараево предложивте создавање заеднички пазар за Западен Балкан. Дали е тоа вистинскиот пат за спречување на тензиите?

Јоханес Хан: Да, тоа е вистинското средство. Основата на целокупниот Берлински процес е истоветна со идејата за европскиот процес. Постоењето на ЕУ доведе до враќање на траен мир на континентот. А единственото подрачје во Европа каде овој мир не е стопроцентно воспоставен, е Балканот. Берлинскиот процес не е ништо друго освен удвојување на основачката идеја на ЕУ, преку интензивна соработка да се спречи апетитот за меѓусебни жестоки кавги. Постојат различни области за соработка, транспортот е една од нив, преку изградба на автопатишта и железници земјите се поврзуваат, а тоа води кон засилена меѓусебна зависност. Доколку постои и заеднички пазар, тоа ќе претставува прилог кон мирот, но и истовремено и подготовка за европска интеграција. Постојат краткорочни и долгорочни перспективи.

Предлогот наидува на отпор во Црна Гора и во Косово? 

Се разбира, потребно е убедување, до следниот самит во Трст на сите треба да им биде јасно што е суштината на заедничкиот пазар, по што и скептичарите ќе можат да заклучат дека тој е и во нивен интерес. Во случајот со Црна Гора, тој би значел нов замав, заедничкиот пазар можеме да го етаблираме побрзо отколку што Црна Гора самата може да стане членка на ЕУ, иако земјата бележи големи напредоци.

Во идеален случај, во Трст би требало да биде донесена главната одлука за заедничкиот пазар. Се надевам дека тогаш ќе дојде до потпишување на договор за транспорт, кој ќе значи забрзување на целокупната тематика за сообраќајно поврзување, како и на низа други проекти, меѓу кои и од енергетската област. Решавачко е притоа елиминирање на сегашните задршки.

Што значи за Западен Балкан „Европа со две брзини“? 

Јас лично сум противник на Европа со две или повеќе брзини. Ако тоа се зацврсти, ќе биде тешко да се промени. Пледирам за тоа да се направат напори оние кои најмногу заостануваат, да го надминат заостанувањето, а не да бидат сепарирани. Освен тоа, позната ни е формата на засилена заедничка соработка, неа можеби можеме да ја користиме позасилено во одредени случаи, но предупредувам од институционализирање на вакви работи.  

Економската соработка е еден аспект. Но, ЕУ претставува и вредносна заедница, а кај западнобалканските држави постојат значајни дефицити. Посебно во фокусот на критиката се водечки политичари...

Точно е, присутен е феноменот - во многу земји имаме долгогодишни играчи. Исто така, дека ним, од различни причини, им е тешко да се променат себе си. Но, тие сите, колку што можам да согледам, сакаат да продолжат натаму. А тие разбираат дека ќе мора да се променат ако сакаат да бидат повторно избрани. Работите мора да се променат за и во иднина да добијат поддршка од населението, со оглед на ситуацијата што заминуваат токму младите луѓе, што постои висока стапка на невработеност, посебно меѓу младите, што кај луѓето делумно владее фрустрација. За да се подобрат животните услови на луѓето, неминовна е измена на економските рамковни услови заради привлекување инвестиции. Мојата теза, применлива не само овде на Балкан, туку и источна Европа и во јужните соседни земји, е дека зголемувањето на економската атрактивност е можна само со зголемување на правната сигурност.

Westbalkan Sarajevo Gipfel Regierungsschef
Премиерите од Западен Балкан и Јоханес Хан на средбата во СараевоФотографија: DW/S. Huseinovic

Мислите ли дека се можни промени без смена на елитите?

Тукушто зборував со млади луѓе (Проект e4u) и им реков дека сето тоа е фантастично, но тие треба и политички да се ангажираат! Ако тие не се ангажираат, тоа ќе го направат други. А тогаш ќе бидат донесени поинакви одлуки, кои нив ќе ги засегнат. Едно момче ми се пожали колку е тешко да се формира партија, но тие ќе формираат партија. Мислам дека токму кај младите доаѓа до придвижување на работите. Многумина од нив почнуваат да разбираат дека веројатно во старите структури не е можно ништо да се постигне, па создаваат нешто ново. Моите надежи ги полагам токму во тоа, тука ќе пружиме поддршка.

Во многу места се зголемува руското влијание, активна е и Турција, а атрактивноста на ЕУ се намалува...

Поддршката за ЕУ во Србија изнесува 52%, во други земји е околу 75%, а во Албанија - 90%. Потребна ни е значи поголема самодоверба, иако тоа не значи дека не треба да бидеме и самокритични поради начинот на кој се презентираме овде. Проблемот е што, со оглед на постоењето европски апирации, ние овде настапуваме како поставувачи на услови. А кога некому се поставуваат услови, се бараат од него реформи, не е секогаш пријатно, не се знае што ќе произлезе од тоа. Затоа се важни ваквите иницијативи, како заедничкиот пазар, удвојувањето на буџетот за Еразмус, програмата за стипендирање.

Но, политичарите овие услови ги исполнуваат најчесто доколку бидат ставени под притисок...

...Јас, како претставник на институциите, провоцирам донесување одлуки, во позитивна смисла, зашто знаат дека ќе се појавам. Се разбира, би сакал сето тоа да функционира без таков притисок, но ако помага, го применувам, иако секако не треба да се претерува со овој инструмент.

Дали е потребна поголема примена на докажаниот метод за „морков и стап“, поголема присутност на терен?

Веќе го покренав прашањето пред ЕУ-министрите за надворешни работи, тие и нашите земји-членки да покажат поголема присутност, се разбира, на координиран начин, за што треба да известат потоа. Парите не се најважната работа. Ние често сме конфронтирани со апсорпциони проблеми. Веќе една и пол година разговараме за т.н. Soft measures во областа на транспортот, но јас ќе бидам неуморен додека не успееме во намерата. 

Како ја објаснувате нужноста од Ваш ангажман за влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ?

Европа мора да сфати дека Балкан сѐуште е регион на нестабилност и со споредбено високоризичен потенцијал дека нешто ќе се случи. А ако нешто се случи, што го искусивме пред 20 години, ќе дојде до голем миграциски бран. Тогаш не постои веќе филтер. Која Балканска рута тогаш ќе ја затворите, ако бранот доаѓа токму оттаму? Од Балкан до Европа не е далеку. Тоа е негативното. Позитивно е што Балканот е регион во развој, со значаен потенцијал. Промената на овој пазар може да обезбеди и работни места на Балкан. Тоа се најважните аспекти, поради кои ние во ЕУ имаме интерес за стабилноста во нашето непосредно сосоедство. Сублимирано во една реченица: или ќе извезуваме стабилност или ќе увезуваме нестабилност. Почнувајќи од Балкан, истото важи и за нашето источно и јужно соседство.