1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан: Добро се напредува во врска со специјалниот обвинител

Обработка: Е.М. Фиданоска29 август 2015

Во интервју за австриски „Стандард“ еврокомесарот Јоханес Хан, меѓу другото, се осврнува на состојбите во Македонија и проблемот со името.

https://p.dw.com/p/1GNmL
Фотографија: MIA

Еврокомесарот Јоханес Хан во интервју за австрискиот весник „Стандард“ зборува за конференцијата за Западен Балкан во Виена, проблемот со бегалците и другите проблеми со кои се соочува регионот, како и односите меѓу балканските држави. Притоа Хан се осврнува и на македонско-грчкиот спор околу името и улогата на ЕУ:

„Во меѓувреме сите сфатија дека ние сме во извесна мерка соодговорни поради тоа што не се успеа во надминување на ова (разликите во спорот околу името, н.з.) Но, сега пред се‘ Македонците мора да спроведат реформи. Со наше посредство е договорен обемен реформски пакет, кој се надевам дека ќе придонесе за надминување на долгогодишната политичка криза. Спроведувањето на реформскиот пакет е предуслов за воопшто да може да се разговара за евентуален почеток на конретни преговори за приклучување. Паралелно со тоа, да се надеваме, ќе се расчистат небулите во Грција. Ние отвораме и нови гранични премини меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија. Потребни сме им, затоа што поради спорот околу името тие не можат да склучуваат државни договори. Но има и напредок. Во заклучоците од самитот за Западен Балкан, државите од Балканот потпишаа и дека меѓусебно нема да си поставуваат пречки на патот кон ЕУ. Тоа до пред една година беше незамисливо“, вели Хан.

На прашањето како натаму со Македонија, еврокомесарот одговара:

„Опозицијата наредната недела мора, како што е договорено, да се врати во парламентот. Потоа ќе биде именуван Специјален обвинител. Во врска со тоа, од страна на двете големи партии слушам дека добро се напредува. Ние, ЕУ и меѓународната фамилија, ќе вложиме огромен напор за изборите во април да бидат фер и да минат во согласност со меѓународните стандарди, како и да бидат добро набљудувани.“

Германскиот печат денеска, инаку, е полн со коментари за бегалците, нивните проблеми, улогата на Европа, но и за бизнисот со криумчарење луѓе, кој за организираниот криминал стана еден од најдоходовните. Во текстот со наслов „Најопасната рута за патување во светот“, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ наведува:

„Според истражувачката мрежа „The Migrant's Files“, шверцерите во изминатите 15 години од криумчарењето на 1,2 милиони луѓе заработиле околу 16 милијарди евра, значи 13.000 евра по случај. Австриските власти, врз основа на сослушувања, имаат свои податоци. Оној кој сака да стигне од Србија во Австрија или да патува натаму кон запад, мора да плати од 700 до 1200 евра. Патот од Грција чини од 3000 до 5000 евра, а од Турција од 6000 до 10.000 евра. За пат од Сирија криминалците бараат меѓу 8000 и 12.000 евра, а ’семејниот попуст’ изнесува 35.000 евра. Кој ќе се осмели на пат со брод, од Либија кон Италија, за едно место под палуба плаќа 4000, а на палуба - 6000 евра... ’Тарифите не се фиксни, на оној кој има повеќе пари шверцерите му земаат повеќе’, нагласува Марио Хејл од Криминалистичката служба во Виена. Притоа, заштитата на границите има изненадувачки мало влијание врз бизнисот: Ниту оградата на Унгарија, која го отежнува преминот, ги зголеми цените, ниту пак отворањето на границата меѓу Грција и Македонија ги спушти, се вели, меѓу другото, во текстот на „ФАЦ.“