1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фрлени пари за бегалски домови во Германија?

Рихард Фукс
10 март 2018

Бројни општини пред две години беа присилени во рекордно време да обезбедат сместување за бегалците. Многу бегалски објекти во селските подрачја сега се празни. Општините ѕвонат за аларм поради високите трошоци

https://p.dw.com/p/2pzza
Deutschland Letzte provisorische Flüchtlingsunterkunft in Hamburg schließt
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Бранот бегалци кон Германија станува сѐ помал:  во првата половина од 2017. година стигнале само 90.000 баратели на азил, конечната бројка за годината веројатно ќе биде двојно поголема. Со тоа вкупниот број е намален во однос на претходните години, што има одраз и врз општините. Многу општински и градски бегалски сместувалишта во меѓувреме се празни, но чинат многу скапо, зашто за нив со сопствениците на недвижности се склучени долгогодишни договори. 

Истражување на јавниот сервис ВДР во Северна Рајна Вестфалија покажа дека во најбројната со жители германска покраина е празна една третина од сместувалиштата. Но, трошоците за кирија, струја, греење, поправки и обезбедување и натаму мора да се плаќаат. Така еден град со 250.000 жители како Менхенгладбах има годишни издатоци од речиси десет милиони евра.

Во екот на бегалската криза во втората половина од 2015. година, овој град во рекордно време создаде сместувачки капацитети за 2.300 лица. Но, во декември се сместени не повеќе од 750 бегалци. И додека во градовите-покраини Берлин, Хамбург и Бремен постои голема пополнетост на бегалските центри, поголемите покраини пријавуваат непополнети објекти. Официјална статистика за ова уште нема, што отежнува создавање комплетна слика.

Deutschland Flüchtlingsunterkünfte in Bochum
Некаде празно, некаде полно, како во контејнерската бегалска населба во БохумФотографија: picture-alliance/dpa/R. B. Fishman

Високи трошоци

Локалните власти сега дигаат тревога. Во Северна Рајна Вестфалија секој град за секој примен бегалец годишно добива 10.400 евра. Ако дојдат помалку бегалци, изостануваат потребните пари. Андреас Воланд од Сојузот на градови и општини во Северна Рајна Вестфалија бара утврдување на објективните трошоци и помош на комуните. „Бараме прилагодување на висината на паушалот кој се добива по едно лице“.

Посебно драматична е ситуацијата во и онака сиромашните градови и општини. Пример претставува квартот на Бохум, Харпен Розенберг, каде некогашниот комплекс базени за 11.1 милиони евра е преуреден во сместувалиште за бегалци. Целата преправка е платена од градскиот буџет, а од отворањето во октомври 2016. година, два од петте објекти се празни. Наместо 450 луѓе, во екот на бегалската криза овде престојуваа максимално 170 луѓе. Што ќе се случи со објектите? Тоа е предмет на жолчна дискусија, при што е потребна и претпазливост, зашто никој не може да тврди со апсолутна сигурност дека бројот бегалци еден ден нема нагло да се зголеми.

Повеќе на темата: 

Култура на добредојде: чекање зад бодликава жица

Драматичен пораст на бројот на бездомници во Германија

Горна граница која не смее да се вика така

Од привремено до трајно сместување

Доколку бројот на новопридојдени остане мал, градовите ги очекуваат големи предизвици. Градот Диселдорф на пример почна привремените бегалски домови да ги преправа во трајни. Зашто, бројот нови бегалци драстично опадна, но порасна бројот бегалци кои не можат самостојно да платат стан, следната година Диселдорф ќе мора да згрижи 5.000 вакви луѓе. Првичните проценки беа дека за такви бегалци ќе бидат потребни 3.000 станбени единици.

Дополнителен проблем е што германскиот Закон за азил предвидува бегалците во прво време да не смеат да го менуваат местото на престој, па не може да бидат префрлени во поевтини и послабо населени селски подрачја. На јазикот на германската бирократија, тие бегалци во меѓувреме се нарекуваат „бегалци со статус на бескуќници.“

Deutschland Das ehemalige Werk der Firma TetraPak in Heiligensee , Berlin-Reinickendorf
Скапа „инвестиција“ на Сенатот во Берлин - неискористена фабрикаФотографија: Imago/J. Ritter

Случајот со фабрика во Берлин

Тоа е феномен препознатлив и во Берлин. Тука бројот бегалци е исклучително голем, а според информациите на локалната влада, празни сместувалишта нема. „Кај нас ништо не е празно“, вели една портпаролка. Моментно во Берлин има 25.700 бегалци, повеќе од половина се згрижени во колективни сместувалишта.

Случајот со една поранешна фабрика за тетрапак пакувања предизвика големо внимание. Градот ја изнајми фабриката со двориштето за, ако затреба, да може да смести 1.100 бегалци. Закупнината изнесува 160.000 евра месечно за 35.000 метри квадратни фабрички простор, а таму досега не влегол ни еден единствен бегалец. Зашто, по потпишувањето на договорот било констатирано дека водоводните цевки се исклучително застарени и пропаднати, а трошците за преуредување - огромни.

Изби спор помеѓу политички одговорните околу вината за пропаднатата инвестиција од преку шест милиони евра. Корист од пропаднатата инвестиција извлече Друштвото за недвижности Capital Bay GmbH, пријавено во Луксембург. Сенатот на Берлин соопшти дека договорот за закуп истекува следната година. „Со тоа проблемот ќе престане да биде проблем“, заклучи портпаролката на Сенатот на прашање на Дојче веле.