1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е Франција преоптоварена?

Макс Хофман / превод: Ж.А.16 јуни 2016

Над Франција се надвиснаа бројни неволји. Што треба да се случи за земјата повторно да застане на нозе? Можно е само едно решение, смета Макс Хофман.

https://p.dw.com/p/1J6rm
Фотографија: Reuters/J. Pelissier

Што очекува господ од Франција? Тој праќа една по друга неволја, слично како во 13. век пред Христос. Тогаш жртви биле старите Египќани. Тие морале да истрпат комарци, врнежи од град и епидемии на сипаници, се‘ додека фараонот конечно не попуштил и дозволил заминување на поробениот народ на Израел. Сега господ во Марсеј испрати хулигани, во Париз - историски поплави, а на свечената церемонија на отворањето на Европското фудбалско првенство 2016 го испрати францускиот диск џокеј Дејвид Гета.

Без шега: на Франција во моментов не и‘ е лесно. Од лево: комунистички настроениот синдикат ЦГТ се однесува како да е во 1968 година и се бунтува против владините реформички на пазарот на трудот. Од десно: популистката Марин Ле Пен се радува на мигрантската криза, можниот брегзит и скудните економски показатели, зашто сето тоа и‘ носи уште повеќе гласачи. А како тоа да не е доволно, над сите се надвиснува стравот од исламистичкиот терор. Последниот инцидент од Мањансвил кај Париз за жал уште еднаш покажува - стравот е оправдан.

Deutsche Welle Studio Brüssel Max Hofmann
Макс ХофманФотографија: DW/B. Riegert

Притоа, во Франција има толку многу вредно за сакање: црвените вина од Сен-Емилион, планинските венци на Пиринеите, бескрајната широчина на музејот Лувр, љубезната своеглавост, метрото во Париз (ако не штрајкува), филмскиот фестивал во Кан, супер-брзите возови, Тур де Франс, либерализмот, пролетните денови во Тулуз, бојата на Средоземното Море кај Марсеј. Она што се случува моментно, оваа прекрасна земја всушност не го заслужува.

Како да стане подобро? Што точно очекува господ за да прекине со испраќање дополнителни маки? Решавањето на најголем дел од проблемите на Франција е можно само долгорочно, тоа е познато. Исламизмот е длабоко вкоренет и со децении се утврдувал во делови од општеството. Француските структурални економски проблеми можат да бидат решени, ако воопшто, само преку мини-чекори. Отпорот е преголем. А против Дејвид Гета нема спас.

Но, на Французите итно им е потребно нешто за подигање на расположението. Пијаните хулигани кои ги пустошат градските централни подрачја, со сигурност не се вистинското средство. На Франција и‘ е потребен енергетски пијалок, витаминска инјекција, на луѓето им треба нешто што ќе им влее оптимизам за првиот чекор во тешката иднина. Претседателот Франсоа Оланд на пример би можел да даде оставка, што мнозинството Французи веројатно краткорочно ќе ги осоколи. Но, на долги патеки, и тоа ништо не носи.

Не, можно е само едно решение. Ако Европејците сериозно ја сфаќаат солидарноста, сега треба да и‘ подадат рака на помош на Франција. Не со пари или големи говори, или лиферување вино од Мозел. Не, би требало да биде нешто што ќе се вгнезди во психата на францускиот народ, што ќе влее храброст! Драги фудбалски навивачи од Европа, сега треба да бидете многу силни, дојден е моментот за поднесување ултимативни жртви.

Дозволете и‘ на Франција да го освои Европското фудбалско првенство во сопствената земја! Господ тоа го очекува од Европа. Само тоа ќе ја оконча серијата проблеми. Инаку, ќе дојде до уште полошо: замрачување на сонцето на Азурниот брег, смртоносна болест кај добитокот во Бретања и фотографии на голиот Жерар Депардје.