1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција не го промени ставот за Македонија

10 декември 2009

Официјален Париз тврди-нема промена во позицијата за ЕУ-перспективата на Македонија. Претходно државниот секретар за европски прашања Пјер Лелуш во Брисел изјави дека Франција поради солидарност ја поддржала Грција.

https://p.dw.com/p/Kz4c
Фотографија: picture-alliance / Helga Lade Fotoagentur

Изјавата на францускиот државен секретар за Европски прашања Пјер Лелуш, според која Франција била на иста бранова должина со Грција, и дека се спротистави на секое наведување на датум за преговори, додека другите земји барале отворање на преговорите со Македонија што е можно побрзо, на извесен начин е демантирана од официјален Париз.

Во официјалната изјава помошникот-портпарол на Министерството за надворешни работи на Франција, Кристоф Ле Риголер тврди дека Париз го гледа напредокот кој го има направено Скопје во приближувањето кон Европската унија и ја поддржува европската перспектива на Скопје.

„На почетокот на неделава, посакавме европските перспективи на Скопје да бидат јасно зачувани и нашата позиција беше да се избегне блокада. Во таа насока беше поддржана препораката дадена од Комисијата, која се залагаше за отворање на преговорите за членство.“

Прашањето за датум да се разгледа што побргу

Што се однесува до утврдувањето на датум за почеток на преговорите официјален Париз, преку својот портпарол вели:

„Не успеавме да утврдиме датум за почеток на преговорите, но посакуваме ова прашање повторно да биде разгледано колку што е можно побрзо, за време на следното претседателство со ЕУ.“

Париз уште еднаш потсетува дека утврдувањето на датумот е одлука, која треба да биде донесена едногласно и не е тајна за никого, дека има една земја во ЕУ која отвора едно прашање кое блокира по оваа точка.

Kombo Paris Eiffelturm mit und ohne Licht
Фотографија: AP

„Ние посакуваме да биде најдена прифатливо решение што е можно побрзо.“

Истовремено, помошникот-портпарол на Министерствотот за надворешни работи на Франција, нагласува дека нема промена во позицијата на Франција за крајната цел на европската перспектива на Македонија, односно нејзиното членство во Европската унија, што се поддржува од Париз.

Сепак, останува дилемата како да се толкува и што значи изјавата на државниот секретар за европски прашања, Пјер Лелуш. Неколку дена пред Министерскиот совет, во Скопје францускиот министер за национален идентитет Ерик Бесон, го кажа спротивното, дека Франција ќе ја поддржи Македонија за добивање датум, позиција која ни беше повторена од портпаролот на Кеј д’Орсеј.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска