1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франкфурт конечно победи

Б. Георгиевски/дв1 април 2013

Екипата на Ајнтрахт од Франкфурт ја забележа првата победа по шест неуспеси едноподруго и се врати во трка за излез на меѓународната фудбалска сцена. Во вториот неделен меч, Волсфург повторно прокоцка предност.

https://p.dw.com/p/187aI
Фотографија: picture-alliance/dpa

Мечот во Фирт меѓу Гројтер и Ајнтрахт беше приказна за два тима кои лани обезбедија пласман во Бундеслигата, но годинава се наоѓаат на двата спротивни дела на табелата. Гројтер Фирт е веќе речиси отпишан и следната сезона повторно ќе се натпреварува во втората Бундеслига, додека Ајнтрахт е на пат да обезбеди учество во Лигата на шампионите. Гостите се покажаа поуспешни и во меѓусебниот дуел победувајќи со 3:2 во последниот меч од 27. коло на Бундеслигата. Со трите бода Ајнтрахт се искачи на петтото место на табелата со ист број бодови како и четвртопласираниот Шалке и три повеќе од шестиот Мајнц. Гројтер е на самото дно со 15 освоени бодови.

„За нас беше многу важно денеска да ги освоиме бодовите доколку сакаме да играме меѓународен фудбал следната сезона. Денеска ја имавме и среќата која ни недостасуваше во претходните мечеви“, изјави тренерот на Ајнтрахт Армин Фе.

Во вториот неделен натпревар Волфсбург и Нирнберг ремизираа играјќи 2:2. Куриозитет на мечот беше фактот што на клупата на домаќинот Волфсбург седеше Дитер Хекинг, тренерот кој во првиот дел од сезоната го предводеше токму Нирнберг.

Волфсбург дојде до брзо водство од 2:0 благодарение на извонредниот погодок на Диего од слободен удар, како и на голот на Хрватот Ивица Олиќ. Но, во второто полувреме Нирнберг започна агресивно и во само шест минути во периодот од 60. до 66. минута успеа да стигне до израмнување. Гостите имаа можности и да ги однесат сите три бода, но нивните напаѓачи не успеаја и по третпат да го пронајдат патот до мрежата. Резултатот од овој меч не донесе позначајни промени на табелата, затоа што Нирнберг остана на 11. место, додека Волфсбург е 14. Двата тима не се во опасност од испаѓање од лигата, но немаат шанси ниту за излез во Европа.

Fußball Bundesliga VfL Wolfsburg gegen 1. FC Nürnberg
Возбудливо реми меѓу Волфсбург и НирнбергФотографија: picture-alliance/dpa

Во саботата, првакот Борусија Дортмунд го совлада Штутгарт нагости со 2:1 и го одложи предавањето на титулата на Бајерн Минхен за уште едно коло. Баварците беа немилосрдни во дуелот против Хамбургер победувајќи со 9:2. Во останатите мечеви Аугсбург – Хановер 0:2, Шалке – Хофенхајм 3:0, Мајнц - Вердер Бремен 1:1, Фрајбург - Борусија Менхенгладбах 2:0, Фортуна - Бајер Леверкузен 1:4.