1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер - вистински кандидат за претседател

Сабине Кинкарц
14 ноември 2016

За Ангела Меркел и партиите на Унијата кандидатурата на Штајнмајер е загуба на образот, но тој сепак е вистинскиот кандидат, оценува Сабине Кинкарц.

https://p.dw.com/p/2SffX
Joachim Gauck und Frank-Walter Steinmeier
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Каков театар околу највисоката функција во државата! Минаа речиси пет месеци откако сојузниот претседател Јоахим Гаук објави дека нема да се кандидира за втор мандат и со тоа ја втурна канцеларката и лидер на ЦДУ во огромна дилема. Ангела Меркел не е по барањето кандидати. Веќе има два не многу успешни обиди со Хорст Келер и Кристијан Вулф во 2004 и 2010 година, а актуелниот претседател Гаук ѝ беше наметнат од страна на ФДП.

Канцеларката неволно и бавно ѝ се посвети на темата барање кандидат за претседател. И брзо беше окупирана од најлоши стравувања. Иако партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) ја чинат најголемата група во Сојузното собрание (кое гласа за Сојузниот претседател, н.з.), што значи ЦДУ и ЦСУ би имале добри шанси да сместат свој кандидат во дворецот Белви, конзервативниот политички камп не најде некој кој би бил атрактивен кандидат за функцијата. Минаа недели, месеци, во кои многумина рекоа „не“ на можна кандидатура, па Ангела Меркел на крајот остана со празни раце.

СПД изненади

Тоа беше момент за шефот на СПД, Зигмар Габриел, да направи политички „пуч“. Без предупредување виценканцеларот Габриел во игра го стави својот партиски соборец Франк-Валтер Штајнмајер. Уникатна можност, погодок право во центарот. Ако се отвореше конкурс за функцијата Сојузен претседател, актуелниот шеф на дипломатијата Штајнмајер ќе ги исполнеше сите услови: помирлив, вешт во комуникацијата со другите, дипломат, човек свртен кон луѓето. Можеби не е роден говорник, неговата реторика е ограничена по правило на дипломатска замагленост, меѓутоа фактот што Штајнмајер уште во август Доналд Трамп го нарече „проповедник на омраза“ и не му честиташе по изборот, остава простор за надеж во растечка острина.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц

И Ангела Меркел го цени Франк-Валтер Штајнмајер - како човек и како политичар, зашто двајцата прагматичари се многу слични. Дилемата на Меркел гласеше: човекот е за нејзе од погрешна партија. Со оглед на парламентарните избори кои ќе се одржат во септември 2017-та, за канцеларката беше некако невозможно да се одлучи за кандидат на СПД. Таа со сите средства се бранеше против Штајнмајер како консензуален кандидат на големата коалиција и дури и отворено „флертуваше“ со премиерот на Баден Виртемберг, влијателниот политичар на Зелените, Винфрид Кречман.

Разум = губење на образот?

Меѓутоа, ЦСУ тоа не сакаше да го дозволи. Во таков случај, подобро Штајнмајер. Со неговата кандидатура барем може да се постигне полн погодок: Штајнмајер е омилен кај Германците како ниту еден друг германски политичар. Со ЦСУ против себе и со грбот притеснета до ѕид, на Ангела Меркел не ѝ преостана ништо друго освен да се предаде. Сега го опишува како кандидат на разумот - формулација која може да се интерпретира на различни начини.

Зашто, одлуката не е разумна само за шефицата на ЦДУ, значи рационално посматрано единствениот можен пат. Таа едноставно не успеа да најде друг кандидат. За Меркел е губење на образот, но тоа ја покажува и неспособноста на ЦДУ и ЦСУ. Како е можно  во нивните редови да не се најде никој кој би дошол предвид за функцијата Сојузен претседател и кој радо би се нафатил со таа работа?

Повторно несигурност

Независно од тоа, добро е што големата коалиција, која во изминатите месеци се наоѓаше во состојба пред развод, на последните метри од трката покажува единство и се откажува од борба за највисоката функција во државата. Разумот (сепак) може да победи. Во нашите несигурни и политички возбудливи времиња тоа дава речиси чувство на олеснување.

Сосема сигурно е дека Франк-Валтер Штајнмајер како никој друг ќе биде олицетворение на стабилност, континуитет и еднаквост. Ќе биде претседател против безредието, против политичкиот крај на западниот свет од кој стравуваат многумина. Сепак, во сето тоа има и капка на горчина: Штајнмајер ќе недостига на функцијата министер за надворешни работи. Зашто, на таа функција неговите дипломатски способности се неопходни како никогаш досега. Дупката која преселбата на Штајнмајер во дворецот Белви ќе ја остави во владата, ќе мора брзо да се затвори. Но, со разум! Доста ни е од политички игри.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ