1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фотографирање со шамија во Германија – само во исклучителни случаи

Елизабета Милошевска Фиданоска23 ноември 2007

Дали фотографирањето за пасош со шамија на главата е дозволиво или не? Прашањето стана актуелно во Македонија откако на муслиманка не и‘ било дозволено да се слика за нови лични документи со шамија. Како е во Германија?

https://p.dw.com/p/CSMr
Фотографија: Fotomontage/AP/DW

Носењето шамија при фотографирање за лични документи во основа не е дозволено, велат во германското министерство за внатрешни работи. Но, исклучоци можат да се направат, доколку лицето нагласи дека мора да се фотографира со шамија поради верски причини. Притоа, подносителот на барањето за лични документи мора да донесе фотографија на која во секој случај ќе се гледа лицето од долниот дел на брадата до крајот на челото, без обврска на фотографијата да бидат видливи и ушите. И, она што особено се потенцира, на фотографијата не смеат да бидат забележливи сенки предизвикани од евентуалното носење шамија за време на фотографирањето. Во Германија досега имало случаи во кои жените поради верски причини настојувале да се фотографираат со шамија и досега сите случаи се успешно решени, без проблеми, ни изјави портпарол на сојузното министерство за внатрешни работи, додавајќи дека комуналните власти, во чија надлежност и е издавањето пасоши, досега не пријавиле проблематични случаи.

Косата не мора да се гледа комплетно

Обврската да се донесе фотографија која ќе одговара на определени стандарди е воведна пред две години, кога и почна издавањето електронски пасоши во Германија. На интернет страницата на министерството стои дека на фотографијата лицето треба да биде во анфас и да има соодветна големина и висина, односно да одговара на веќе однапред определените шаблони за тоа. Освен тоа, очите треба да бидат отворени и јасно да се гледаат, а лицето да биде прикажано на фотографијата центрирано. Покрај ваквите насоки, во посебна реченица најдолу на интернет страницата на министерството во Берлин, е додадено дека косата не мора да гледа на фотографијата комплетно и дека се дозволени и црно-бели фотографии.

Мерсиха Смаиловиќ бара Македонија да постапува како “редица европски земји“

Проблемот со фотографирањето со шамија за лични документи, во Македонија се отвори откако муслиманката Мерсиха Смаиловиќ, на прес конференција соопшти дека останала без возачка дозвола бидејќи полициските службеници побарале да ја извади шамијата пред да се фотографира за лични документи. Мерсиха одбила да го стори тоа, а полицајците не сакале да ја сликаат со шамија.

Смаиловиќ изјави дека, во редица европски земји, меѓу кои и Германија постои практика на фотографирање со шамија. Таа е член на здружението на жени, “Ислам и наука“, кое јавно побара да се стави крај на, како што беше речено, дискриминирањето по верска основа.