1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФИФА го отпушти Жером Валк

Б. Георгиевски/ап/ртр13 јануари 2016

Десната рака на Сеп Блатер доби отказ во светската фудбалска организација. Валк е вмешан во повеќе скандали поврзани со финансиското работење на ФИФА.

https://p.dw.com/p/1HcPQ
Фотографија: Reuters/A. Wiegmann

Светската фудбалска организација го отпушти генералниот секретар Жером Валк откако против него беше отворена истрага за наводни малверзации. Претходно, Валк беше суспендиран на четири месеци од функцијата.

ФИФА соопшти дека одлуката била донесена на итен состанок на првите луѓе на регионалните конфедерации, одржан за време на викендот.
Валк кој важеше за десна рака на контроверзниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, беше задолжен за надгледување на организацијата на Светското првенство. Валк стигна до највисоката административна функција во ФИФА во 2007 година, иако само една година претходно беше отпуштен поради улогата во контроверзата со спонзорствата.

Помалку од еден месец откако Блатер беше суспендиран на осум години од ФИФА, второто отпуштање на Валк го означува целосното губење на моќта на двајцата функционери кои патуваа низ светот во приватни авиони и се среќаваа со водечките светски лидери.

Французинот Валк беше суспендиран од ФИФА во септември, откако еден партнер на светската фудбалска организација го обвини дека се обидел да профитира од продажбата на билетите за СП 2014 на црниот пазар. Обвинителите на ФИФА минатата недела го обвинија и за примање подароци, конфликт на интереси, нарушвуање на довербата и лојалноста, и одбивање да соработува со истрагата.

„Работниот однос меѓу ФИФА и Жером Валк е прекинат“, соопшти ФИФА.

Вршител на должноста генерален секретар и натаму ќе биде Маркус Катнер, иако тој како финансиски директор бил надлежен за илегалната исплата на 2 милиони швајцарски франци на суспендираниот претседател на УЕФА, Мишел Платини.

Како маркетинг директор на почетокот на минатата деценија, Валк беше вмешан и во измамата на спонзорот на Светското првенство- Мастеркард за време на преговорите за продолжување на договорот. ФИФА и Блатер потпишаа договор со Виза, што предизвика тужба од Мастеркард и донесе отштета од 90 милиони долари.

Однесувањето и бизнис етиката на Валк беа остро критикувани за време на судењето во Њујорк.