1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе: Нема план „Б“ за Македонија

10 ноември 2010

Еврокомесарот Филе со порака-не постои план „Б“ за Македонија, таа мора да најде решение за спорот за името, а до Грција-од нејзината позиција за ова прашање ќе се суди нејзината визија за земјите од Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/Q3X8
Еврокомесарот Штефан ФилеФотографија: AP

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе, образложувајќи го пакетот за проширување на ЕУ, пред членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент со директни пораки до македонскиот и грчкиот премиер.

Доцнењето на комесарот за проширување Штефан Филе во настапот пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, поради конференцијата за печатот, не беше по вкусот на европратениците. Тие побараа од Филе да им даде предност кога станува збор за одлуките донесени од страна на Европската комисија.

Интересот на ЕУ треба да биде во преден план во процесот на проширувањето

Зборувајќи пред европратениците, комесарот за проширување во кратки црти ги резимира извештаите посветени на секоја земја посебно, нагласувајќи дека билатералните проблеми не смеат да бидат пречка за евроинтеграциите и дека тука треба да се земат во предвид интересите на ЕУ.

Во дискусијата зедоа учество 29 европратеници, од кои само неколкумина се задржаа на Република Македонија.

„Предлагам Комисијата да бдее што се случува во областа на слободата на медиумите, бидејќи тоа е од голема важност за демократијата на една демократска земја,“ нагласи известувачот за Македонија, Зоран Талер. Тој притоа оцени дека Македонија „на неправеден начин заостана зад другите кандидати“ поради конфликтот со името. Околу ставот на Комисијата дека решението со името треба да биде во интерес на двете страни, Талер беше јасен:„Тоа не треба да биде само во интерес на Грција.“ Затоа тој ги повикува високите претставници на ЕУ подиректно да се вклучат во решението за спорот со името и да размислуваат за еден вид на арбитража.“

Воздржување од провокативни изјави и акции

„Јас го повикувам политичкот раководство на Македонија да се воздржи од изјави и дела кои можат да го загрозат дијалогот со Атина “, рече Јелко Кацин. Тој смета дека е потребно да се постигне компромис за името за да се отвори патот за членство.

„Грција треба да се потсети дека постои еден времен договор во кој се обврза билатералните проблеми да не бидат пречки за членството во меѓународните организации,“ нагласи германскиот европратеник Бернд Поселт.

Europäisches Parlament Europa-Parlament Strassbourg
Европскиот парламент во СтразбурФотографија: dpa

„Сите сме наклонети за приемот на ПЈРМ во ЕУ, Грција даде потврда на добра волја за решение на проблемот со името, ама не го доби одговорот кој го очекувавме,“ изјави грчката европратеничка од редовите на Пасок, Мариа Елена Копа. Таа смета дека македонската влада се однесува неконструктивно по ова прашање.

Се‘ уште се верува во брзо решение на спорот со името

„Јас се уште не го загубив ентузијазмот,“ рече во завршниот збор еврокомесарот Штефан Филе, зборувајќи за Македонија кога станува збор за можното решение за спорот со името, кој го блокира патот на Македонија кон Европската унија. Филе е убеден дека контактите меѓу двајцата премиери можат да донесат промени и решение на проблемот со името. Филе додаде дека тој не сака да се впушта во дискусија која од двете страни во спорот е во право или не.

Пораки до Папандреу и Груевски

„На грчкиот премиер Папандреу му порачувам дека од ова прашање зависи многу неговата визија за европската интеграција на земјите од Западен Балкан“.

Филе на премиерот на Македонија, Никола Груевски, му порача: „Треба да му е јасно дека нема план Б за „Поранешната југословенска република Македонија!"

Европскиот комесар притоа изрази подготвеност, ако се посака во преговорите кои се водат меѓу двете земји да се вклучи друг актер, тој, заедно со претседателот на Комисијата, Жозе Мануел Барозо, да дадат нивен придонес. Но, се‘ додека овој процес се води директно од двата премиери, тој е оптимист дека во блиска иднина ќе биде најдено решение за името, смета Филе.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема